Вести Македонија Најважни

Непопуларни мерки против инфлацијата – Мицкоски подготвен да ја плати политичката цена

Зголемените плати и пензии кои ја зголемуваат побарувачката или монополските структури и шпекулативни маржи се тие кои влијаат на зголемувањето на инфлацијата? Власта и опозицијата на различни позиции што е причината за растот на цените и како тој проблем да се реши.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера оцени дека инфлацијата се зголемува поради растот на платите и пензиите кои ја зголемуваат побарувачката, како и поради зголемената кредитна активност. Главен двигател на инфлацијата не се храната и енергенсите, туку услугите. Според него, цените ќе растат, сè додека потрошувачите имаат пари да платат. Најави сеопфатни мерки за трајно решавање на проблемот, зашто замрзнувањето на маржите не дава ефект на долг рок. Еден од начините е намалување на државната потрошувачка за да се намалат парите што се во оптек, но и вклучување на Народната банка за поскапување на кредитите. Мицкоски вели дека е свесен дека тоа се непопуларни мерки.

„Откако го лоциравме проблемот каде е, свесни сме дека тоа можеби ќе има и политичка цена и тука немаме никаква дилема, но подобро на краток рок да ја платиме таа политичка цена, отколку граѓаните да ја плаќаат во континуитет на долг рок“, изјави Мицкоски.

Опозицијата, пак, реагира дека платите растат побавно од цените, а куповната моќ на граѓаните опаѓа. Владата неморално ги обвинува работниците и пензионерите за лошата економска состојба, вели поранешниот вицепремиер за економски прашања од СДСМ, Фатмир Битиќи.

„Тие се резултат на нестабилни пазари, високи влезни трошоци и спекулативно формирање на цените. Владата се потпира на импровизација и пропаганда. Наместо системски да го искористи Законот за нефер трговски практики, кој може да намали цени и до 30% преку санкционирање на неправедните профити, таа води политички маркетинг. Цените во Македонија не растат затоа што граѓаните заработуваат повеќе. Растат затоа што нема стратегија за економска стабилност, затоа што се толерираат монополски структури и шпекулативни маржи, затоа што зависиме од увоз за основни добра. Обидот да се префрли вината врз работниците и пензионерите е политички срамен“, вели Битиќи.

Анализата на Фајнанс тинк од минатата недела покажа дека храната веќе не е главен предизвикувач на инфлацијата која во јули достигна 4.8% на годишно и 1.1% на месечно ниво. Причините за поскапувањата сега се засилената домашна побарувачка, високите реални доходи и цените во услужниот сектор – особено кај рестораните, туризмот и сместувањето.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Опозицијата бара извинување од Стоилковиќ за навреди и пцости кон претнеиците Трајчулевски и Битиќи – тензии во парламентот

Дејан Дејан

Остра реакција од Сојузот на борци за разобличување на предлогот на ДУИ

Дејан Дејан

(видео)Филипче: Никој не му се плаши на Мицкоски, заканите и навредите се доказ за неговата слабост

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе