Техничкиот премиер официјално достави предлог до Собранието за разрешување на двајцата министри од неговиот кабинет Фатмир Меџити и Азир Алиу кои јавно застанаа зад лидерот Арбен Таравари.
Во дописот премиерот бара од спикерот Митрески на првата седница на Собранието која ќе се одржи денеска како прва точка на дневен ред да ги стави предлозите за разрешување, а како втора точка да биде владиниот предлог за именување на Илир Демири на позицијата министер за здравство и Наим Бајрами за министер за информатичко општество и администрација, предлозите на Управниот совет од Алијанса за Албанците.
Министерот за здравство, Фатмир Меџити, рече дека нема да поднесе оставка и ќе чека на одлука на Собранието но најави дека доколку биде разрешен ќе го искористи правото да се обрати пред пратениците во Собранието.