Ние ја блокираме работата на собранието со голема причина, а тоа е блокирањето на изборот на член на Државната изборна комисија (ДИК). Според сите деловнички можности се обидовме тоа да се заокружи и тој процес да се заврши, бидејќи и тој е регулиран со закон, рече Кастриот Реџепи, пратеник од Демократско движење – Европски сојуз за промени, во вечерашната дебата во „Топ тема“ на ТВ Телма.
„За жал, во собранието како институција која произведува закони и треба да ги одбрани, се крши законот кога зборување за пополнување на испразнетото место во Државната изборна комисија и на крај бевме принудени да направиме чекор и да ја бојкотираме работата на собранието, се до избор на член на ДИК. Тоа значи дека нема да присуствуваме на седницата во недела“, порача Реџепи.
Тој истакна дека не може ништо да ги премисли, ниту ветувања, освен ако во меѓувреме не се свика пленарна седница и се избере член на ДИК.
„Во политиката, за жал, многу не функционираат ветувања. Дури и кога сме имале писмени договори, на крај не биле исполнети. Нас нè чуди како може да се стави под знак прашање еден изборен процес и неговата кредибилност со овие политички игри што се прават со членот на Државната изборна комисија. Јасно е пропишано во законот, мислам дека е член 2, став 9, 10, 11 дека тоа место и припаѓа на опозицијата. Се направи еден политички маневар од претседателот на собранието, ставајќи во игра една новоформирана партија за да има право да предложи еден кандидат. Но, сега поради тоа што се избира техничката влада, веќе не е можно именување“, истакна Реџепи.













