Вести Македонија Најважни

Автобусите во база, вработените во ЈСП пред Град Скопје, граѓаните пешки или со такси

Јавен превоз во Скопје денеска имаше до 9 часот. Потоа автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие се повлекоа во базите во Ѓорче Петров и Автокоманда, а вработените се упатија кон Град Скопје во исчекување на одлука од вонредната седница на Советот за исплата на декемвриската плата и за субвенции од 11 милиони евра за претпријатието. Редовно ќе сообраќаат само комбињата за превоз на лица со посебни потреби и автобусите кои вршат организиран превоз за ученици за кои ЈСП има договор со училиштата и општините.

Претседателот на Синдикатот на ЈСП Миќо Стојановски, појасни дека со тоа ќе им се излезе во пресрет на учениците да стигнат до училиштата, со оглед дека почнува второ полугодие и на вработените да стигнат до своите работни места.

„Ќе се вклучат 270 автобуси на ЈСП на сите линии и ќе сообраќаат до 9 часот, а потоа се враќаат во двете авто – бази и ќе останат се додека не се донесе одлука на седницата на Советот на Град Скопје за субвенциите од 11 милиони евра за претпријатието. Доколку парите легнат уште денеска на сметката на ЈСП, истиот ден ќе биде возобновен превозот“, изјави Стојановски.

Тој најави дека во 10:30 часот значителен дел од вработените на ЈСП ќе бидат пред вратите на Советот на Град Скопје, каде ќе се носи одлуката за субенциите на јавниот градски превоз.

Стојановски подвлекува и дека нема да прифатат половични одлуки. Очекуваат да биде донесена одлука за целосниот износ на субенциите за ЈСП од 11 милиони евра, кој треба да овозможи редовна исплата на платите за вработените за 2024 година.

„Ако советниците не донесат одлука за исплата на целосниот износ на субвенциите, остануваме на ставот да нема превоз. Не чека изборна година во која поради законски ограничувања, повторно е можно одлагање на одлуките за субенциите за претпријатието и доцнење на платите, а тоа нема да го дозволиме“, нагласи Стојановски.

Вонредната седница на Советот на Град Скопје на која како единствена точка на дневен ред е одлуката за субвенциите од 11 милиони евра за ЈСП, е закажана во 11 часот. Ова е четврти пат како одлуката за субенциите на ЈСП се става на седница на Советот на Град Скопје.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Се обидел да раздели тепачка, насилниците го избоделе со нож

Kristina Kuzmanovski

По една недела укината забраната за пиење на водата во Крушево

Kristina Kuzmanovski

Уште една странска компанија заминува од земјава – германски БМЗ го затвора погонот, го сели производството во Полска

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе