Министерството за внатрешни работи соопшти дека од вторник до сабота, поради официјална посета на делегација предводена од Абдулах Бин Мухамед АлШеикх, претседател на Собранието на Кралството Саудиска Арабија – Меџлиси Ал Шура, СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот.
75-годишниот гостин е во врвот на политиката во С. Арабија со децении. Од 1992-ра до 2009-та (цели 17 години) бил министер за правда. Во тој период во Македонија имало 9 министри за правда.
Но, саудиската долговечност во политиката не се должи на изборна успешност туку пред се на довербата од кралот на државата. Нема парламентарни избори, а сите 150 членови на Парламентот заедно со претеседателот на Собранието ги бира и назначува самиот крал. Пратеници се само мажи.
Во 2009-та кога во Арабија се подготвувале реформи во правосудството (никогаш не се реализирале до крај), Абдулах Бин Мухамед АлШеикх првично требал да ги води, но потоа тогашниот саудиски крал Абдула му дал нова задача, односно го назначил за претседател на Собранието во Ријад кое се вика Меџлиси Ал Шура (Шура Совет, на македонски). Мандатот му трае веќе 14-та година.
Абдулах Бин Мухамед АлШеикх е член на второто најпознато семејство во Арабија веднаш по кралското семејство Сауд од кое доаѓа актуелниот крал Салман.
Посетата, гостинот од Ријад ќе ја започне со средба со колегата-домаќин Талат Џафери по што утре ќе се потпише во Книгата на впечатоци во македонското Собрание.