Вести Македонија

Премиерот е единствениот кој може да постапи по злоупотребата на службените простории од страна на Груби

Ни четири опомени, од кои две за злоупотреба на службени простории, не го одвратија првиот вицепремиер, Артан Груби, од реобјавување на видеото на кое токму се гледа како ги злоупотребува просториите на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, на чие чело е токму тој, за партиска собиранка со жива музика, на која се гледа како неговиот партиски лидер, Али Ахмети, пее придружуван од музичари. Притоа на видеото споделено од Груби јасно се забележува и чад од цигари, што укажува и дека на партиската забава во Министерството се пушат и цигари иако е тоа забрането со закон.

Иритирање на јавноста, е првиот коментар на надлежните кои го следат постапувањето на државните функционери, велејќи дека пораката која ја испратил Груби со видеото е дека опомените и рекациите како на надлежните, но и на јавноста не допираат до него. За Билјана Ивановска од ДКСК злоупотебата на службените простории за приванти и партиски цели претставува злоупотреба и на функцијата и на државната сопственост и не во духот на доброто владеење.

Очигледно станува збор за состојби што се повторуваат повеќепати, дури и снимките се повторуваат. Затоа можам да кажам дека во отсуство на етички вредности, но и на одговорност за извршување на функцијата на вицепремиерот, не можеме да видиме ефект ниту од опомената на Кабинетот на вицепремиерката за добро владеење, ниту од укажувањата на ДКСКС и тоа во повеќе наврати. Останува сега, согласно Етичкиот кодекс на Владата, премиерот да си преземе мерки бидејќи конечно така и е пропишано во Етичкиот кодекс, вели Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК.

Од Кабинетот на вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска, пак за тоа  дали од март 2023, кога е снимено и за првпат објавено видеото, се преземни мерки околу целиот случај на злоупотреба, за Телма одговорија дека во рамки на надлежностите на вицепремиерката биле преземени сите мерки и механизми што и се на располагање, согласно Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и носителите на јавни функции.

На првиот заменик претседател на Владата Артан Груби досега изречени му се четири опомени, од кои две се за слоупотреба на службените простории за партиски и приватни цели. Согласно надлежностите и согласно процедурата предвидена во Етичкиот кодекс, вицепремиерката Грковска, за овие постапувања спротивно на Етичкиот кодекс за чие почитување сите членови на Владата имаат потпишано изјава за согласност, навремено го информираше претседателот на Владата, за натамошно постапување, се наведува во одговорот од Кабинетот на вицепремиерката Грковска.

Телма побара информација и од Службата за општи и заеднички работи на Владата за тоа дали и какви мерки се преземни за злоупотреба на просториите на министерството со кое раководи Груби, за партиска и приватна забава, на што од СОЗР одговорија дека тие немаат надлежност врз просториите на Министерството за политички систем.

Со Одлука за престанок и за давање на трајно користење на недвижни ствари на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците на Владата на РС Македонија објавена на 30.12.2020 година во „Службен весник на РС Македонија“ бр. 316, предметните простории се доделени на трајно користење на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците и со стапувањето во сила на Одлуката, правото на Службата на користење врз истите престанува, со што Службата, за истите од моментот на стапување во сила на Одлуката, нема никакви обврски, се наведува во одговорот на СОЗР за Телма.

За преземни мерки за непочитување на Законот за заштита од пушење, одговорот од СОЗР е дека тоа не спаѓа во делокругот на работа и надлежностите на Службата и поради тоа не можат да дадат одговор на тоа.

Првиот вицепремиер Груби во четири наврати јавно објавуваше дека ги користел службените простории за активности кои не се службени, двапати за слевњена роденден на Ахмети, еднаш за спортски активности на министрите од ДУИ и партиско загревање со музика за митингот на ДУИ пред девет месеци.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Дејан Дејан

Нетанјаху замина да разговара со Трамп за прекин на огнот во Газа

Дејан Дејан

Полска воведува гранични контроли со Германија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе