Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека согласно податоците од Државниот автоматски мониторинг систем на ден 04.01.2024, среднодневните концентрации на РМ10 се под дефинираниот праг на алармирање од 150 mg/m3 и епизодата со надминување на прагот на алармирање за РМ10 честички е прекината во Скопје и Струмица.
Со тоа мерките и препораките за надминат праг на алармирање се прекинуваат, велат од таму.
Скопје повеќе од половина месец во континуитет бележи рекорди во загадување на амбиенталниот воздух и котира високо на неславната светска ранг листа на најзагадени градови.
Поради загадениот воздух изминатиот период порасна и бројот на амбулантски прегледи, а во клиниката „Козле“ дневно се пријавуваа и до 200 пациенти.
Најзагрозени се највозрасните и најмладите. Лекарите препорачуваа што е можно подолго време да се поминува на планина, а дел од нив повикуваа и на враќање на носењето заштитни маски.
Главниот град и утрово е прекриен со густа магла што дополнително ја влошува актуелната состојба.