Вести Македонија Најважни

Притвор од 30 дена за осум лица за штета од речиси 4,8 милиони евра на буџетот по истрагата во УЈП

Мерка притвор во траење од 30 дена е определена за осум лица поврзани со вчерашната акција во Управата за јавни приходи (УЈП) заради постоење на основи од опасност од бегство, влијание врз сведоци и можност да го довршат или повторат делото, информираа oд Кривичниот суд.

Акцијата опфати претреси на 16 локации во државата, пришто биле пронајдени и привремено одземени фиктивна документација, парични средства, оружје и лажни печати од правни лица, а осомничените лица се обезбедени.

„Акцијата е резултат на постапувања на Истражниот центар на ОЈО ГОКК и Управата за финансиско разузнавање по известување на АНБ, при што беа обезбедени докази за основано сомнение за кривични дела од финансиска природа. Врз основа на ова, ОЈО ГОКК отвори предмет и донесе наредба за спроведување истражна постапка против 20 лица, кои го оштетиле буџетот на државата за 297.733.844 денари или 4,8 милиони евра“, информираше Јавното обвинителство.

Според истрагата, првоосомничен е српски државјанин и сопственик и управител на две правни лица, заедно со двајца службеници од УЈП – Регионална дирекција Скопје, во текот на 2023 година формирале група со цел вршење кривични дела даночно затајување, даночна измама, перење пари и злоупотреба на службената положба. Во периодот 2023 – 2025 година во групата биле вклучени и други сопственици, управители и вработени во правни лица во Скопје и Гевгелија.

Со прикажување неточни податоци во даночните пријави и со помош од даночни службеници од УЈП, во периодот 2023 – 2024 година првоосомничениот избегнал плаќање данок во износ од 11.593.403 денари. Другите осомничени сопственици и управители на правни лица со лажни пријави побарале, а осомничените вработени им одобриле, неосновано враќање данок за нерезидентни правни лица, со што е нанесена штета на буџетот во износ од 31.175.168 денари.

Некои од осомничените во истиот период вршеле трансфер и подигање парични средства со цел прикривање на потеклото на парите прибавени со кривични дела, во вкупен износ од 91.985.197 денари. Досегашните прибрани докази упатуваат дека осомничените вработени во УЈП – Регионална дирекција Скопје, од кои некои на високи раководни позиции, со повеќекратни злоупотреби на службената положба му нанеле вкупна штета на буџетот на РСМ од најмалку 162.980.076 денари.

Јавниот обвинител, ценејќи ги околностите, утврди дека се исполнети условите за определување на мерката притвор за десет осомничени и на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му предложи на осум лица да им определи мерка притвор,а за две лица таа е веќе определена во предметот поврзан со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој на РСМ. За другите 10 лица јавниот обвинител предложи мерки за обезбедување присуство, меѓу кои и забрана за вршење работни активности поврзани со кривичното дело и работни активности како службени лица во УЈП на РСМ.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(ФОТО) Повеќе повредени во судир на комбе и камион кај Свети Николе

Дејан Дејан

„Кармина Бурана“ вечерва во Градскиот парк со филхармониите од Скопје, Софија и Солун

Дејан Дејан

ВМРО – ДПМНЕ: Невработеноста се намалува, младите во фокусот на мерките за вработување

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе