Вести Код Македонија Топ вести

Срби, Црногорци и Бугари ќе го организираат онлајн коцкањето заедно со Државната лотарија

lotarija, onlajn kockanje, Mozzart, Mocart, Vezuv, Volkano, Volcano, Telematik Interaktiv

Срби, Црногорци и Бугари ќе го организираат коцкањето преку интернет во Македонија, во партнерство со Државната лотарија.

Додека ВМРО-ДПМНЕ најавуваше влез на бугарското подземје, поврзано со Васил Божков Черепот, и фирми од Косово, а албанската опозиција обвинуваше за матни зделки на министерот Артан Груби, кои се договараат во Белград, Државната лотарија веќе основа заеднички фирми со компании од Србија, Црна Гора и Бугарија, кои добија лиценци за приредување игри на среќа на интернет.

И покрај нашите прашања, одговор од Државната лотарија не добивме, иако фирмите се основани изминатиот месец.

Игри на среќа преку интернет ќе приредуваат српската компанија Моцарт, која е веќе присутна на македонскиот коцкарски пазар, и црногорската компанија Везув, сопственик на коцкарниците и спортските обложувалници Волкано. Веќе објавивме дека на македонскиот коцкарски пазар влегува бугарската компанија Телематик Интерактив.

Критики за политички врски на црногорските сопственици

Фирмата Државна лотарија – Везув ДОО Скопје е основана на 18 јануари годинава. Сопственици се Државната лотарија на Македонија со 51 отсто и Везув МК ДООЕЛ Скопје со 49 отсто. Везув МК е во целосна сопственост на фирмата Везув Д.О.О. од Подгорица.

Оваа фирма во Подгорица е основана во 1999 година и е лидер на црногорскиот обложувачки пазар. Според критичарите, благодарејќи на политичките врски на сопствениците. Основач на компанијата е Жарко Митровиќ, а директор Жељко Митровиќ. Финансиските податоци покажуваат дека во 2022 година, фирмата имала приходи од над 50 милиони евра, и заработка од над 20 милиони евра. Работат и во Република Српска, а сега се прошируваат и во Македонија.

Владата на Здравко Кривокапиќ во 2021 година обвини дека претходниот министер за финансии Рашко Коњевиќ во 2016 година, со Правилник, дозволил поставување терминали за обложување и во угостителски објекти со кои овозможил богатење на кафеани и обложувалници. Правилникот после падна на Уставниот суд.

„Коњевиќ е единствениот министер за финансии кому обложувачите треба да му „подигнат споменик“, а имаат пари и за величествено здание. Сопственикот на ланецот обложувалници на фирмата „Везув“, која има ланец обложувалници под името „Волкано“, и Рашко Коњевиќ се кумови, а токму во тој факт се наоѓа и причината за интересирањето на некогашниот министер за финансии за измените на наведениот Правилник и работата на казината, но и коцкањето во угостителските објекти, кое лично го воведе“, реагираше на 3 август 2021 тогашната црногорска влада.

По јавните критики од црногорски пратеници, Везув тогаш реагираше дека се најуспешна компанија во својата област и оти политика не ги интересира.

Владата тогаш соопшти дека има индиции дека Коњевиќ има сопственички удел во обложувалниците.

Сепак, заработката на компанијата расте и по промената на власта, а сега го проширува својот бизнис и во Македонија.

Коњевиќ е лидер на опозициската Социјалдемократска партија на Црна Гора. Од 2012 до 2016 беше министер за внатрешни работи, потоа кусо министер за финансии, а во владата на Дритан Абазовиќ неколку месеци беше вицепремиер и министер за одбрана во 2022 година, по што беше сменет, а неговата партија сега е во опозиција.

Компанијата Везув во 2010 година го купи Детското одморалиште „Македонија“ во Тиват од македонското Министерство за труд и социјала за околу 700 илјади евра. Македонското одморалиште се наоѓаше во продолжение на луксузниот комплекс Порто Монтенегро на самиот брег на Јадранското Море.

Српските обложувалници Моцарт се прошируваат и на онлајн коцкањето

Игри на среќа преку интернет во земјава ќе приредува и српската компанија Моцарт од Белград. Фирмата Државна лотарија – Моцарт ДОО Скопје е основана на 5 јануари годинава. Мнозински сопственик е Државната лотарија на Македонија, а 49 отсто поседува Моцарт ДОО од Белград. Сопственици на компанијата од Белград се Јадранка Степановиќ и Дејан Чакајац, кои поседуваат по околу 40 отсто од фирмата. Останатите 20 отсто се поделени меѓу 30-тина помали содружници. Српската фирма во 2022 година заработила над 21 милијарди српски динари, односно 184 милиони евра, од кои чист профит се над 4 милијарди динари, односно 36 милиони евра.

Компанијата Моцарт е една од најголемите фирми за обложување и игри на среќа во Југоисточна Европа. Форбс ги проценува сопствениците на над 1,3 милијарди евра, со што Степановиќ и Чакајац се едни од најбогатите луѓе во регионот.

Освен во Србија, работат и во Република Српска, Хрватска, Малта, Романија, Кенија, Колумбија, Гана и во Нигерија, а во Македонија веќе се присутни со автомат клубовите Моцарт Казино.

Бугарската Телематик интерактив влегува заедно со битолска фирма

Веќе објавивме дека коцкање преку интернет ќе овозможува и бугарската фирма Телематик Интерактив, преку фирмата 77 Битс БСЦ ДОО од Битола, во која се косопственици. Фирмата ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА – 77 БИТС ДОО Битола е основана на 29 декември. Мнозински сопственик е Државната лотарија, а 49 отсто поседува фирмата 77 Битс БСЦ ДОО Битола.

Сопственици на 77 Битс БСЦ се бугарски Телематик Интерактив и фирмата 77 Софт од Битола. Сопственици на оваа компанија се Никола Митровски и уште неколкумина поврзани со КС Групацијата од Битола, која ги поседува обложувалниците Евротип и автомат клубовите Голд слот клуб.

Телематик Интерактив е еден од најголемите играчи на бугарскиот коцкарски пазар. Според завршните сметки, годишните приходи им се околу 100 милиони лева, или околу 50 милиони евра, и нето профит од 25 милиони лева или 12,5 милиони евра.

Тие ги поседуваат платформите за онлајн коцкање Палмсбет и ЦТ Интерактив. Сопственици на фирмата се Мило Борисов и неговата сестра Роси Мекеј. Тие се сопственици и на компанијата ЦТ Гејминг за производство на коцкарски машини. Фирмата е главен спонзор на фудбалскиот клуб Левски од Софија.

Во дел од бугарските медиуми одвреме навреме се појавуваат гласини за врски на Мило Борисов со подземјето, но тој не е обвинет за ништо.

Државната лотарија на 11 септември објави јавен повик до кој бара странски партнери за основање три трговски друштва кои ќе организираат игри на среќа преку интернет.

Во новите три фирми, Лотарија ја инвестира лиценцата за приредување на игри на среќа на интернет, а странските партнери по 2,171 милиони евра за оперативни трошоци. Лотарија е биде сопственик на 51 отсто од новите фирми, а странците на 49 отсто.

Во Државната лотарија прашавме колку фирми се јавиле на јавниот повик и дали веќе склучиле договори со странски партнери, но не добивме одговор, иако заедничките фирми се веќе основани.

Игри на среќа преку интернет досега организира само Државната видеолотарија, која е заедничка фирма на Државната лотарија и Казинос Аустриа, а од пред неколку месеци онлајн игри на среќа самостојно почна да организира и Државната лотарија.

Срѓан Стојанчов

 

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Француската полиција застрела маж кој се обидувал да запали синагога во Руен

Дејан Дејан

Пронашле граната од Прва Светска војна и ја однеле во полициска станица

Дејан Дејан

„Пикасо можеби јас“ изложба на македонскиот керамичар Филип Фидановски во Загреб

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе