Вести Код Македонија

КОД открива: Пари од Америка биле уплатени на сметката на Соравиа која ја купува внукот на Али Ахмети, Дрин

Галени деца и на трпеза се качуваат. Оваа народна поговорка може да се врзе за името на Дрин Ахмети- внук од брат на Али Ахмети. Откако преку ноќ стана газда на трговскиот центар Соравија без да ги открие парите со кои го купил , газдата почна да шверцува петарди. Во очи на Новогодишната ноќ, Дрин со 750 пиротехнички средства беше фатен од полицијата.

Роверот  со албански регистрации ги превезувал низ Скопје а тој велеше дека се купени легално  а во багажникот имало и подароци за  внуците . Очигледно  внуците  во семејството Ахмети  не се плашат од пукањето на петардите па за да прослават Нова Година потребни им се точно 749 пиротехнички средства. Во четвртокот Дрин даде исказ пред Јавен обвинител за овој инцидент затоа што според Кривичниот Закон држењето и набавката на распрскувачки материи е кривично дело.

-Во четврток (25.01.2023.) е извршен распит со лицето на кое му беше упатено покана и тоа се одзва. Обвинителството продолжува да прибавува информација за набавката на најдената пиротехника, одговори скопското обвинителство.

Соравиа- истрага без резултати

И додека Дрин чека обвинителот да се изјасни за преносот на петарди, нема ниту збор од истрагата за случајот Соравија за кој КОД направи неколку истражувања.  Обвинителството не одговори на ниту едно прашање за случајот.

Во јули по допрен глас отворен е случај за сомнежите како Дрин Ахмети од зделката за превземање Соравија ќе добие 39 отсто од деловниот центар без да уплати денар. Долг од 20 милиони евра тврдеа дека има Соравија но, истражувањата на КОД покажаа нешто сосема друго, фирмата има и годишен солиден профит.

-Јас ќе го водам деловниот објект „Соравија“ и затоа добивам 39 отсто. Кредитот кој го подигнавме во висина од 6 милиони евра од албанската банка Крединс Банк за да ја купиме „Соравија“ е на име на господинот Пјетерѓокај. Тој таму е акционер и има добра репутација, затоа банката лесно му го одобри задолжувањето, рече внукот на Ахмети, на прес конференцијата откако беше откриена зделката.

Тврдеа дека   земале кредит од 6 милиони евра од банка во Албанија . Парите им требале за да ги уплатат на сметката на фирмата во чија сопственост е деловниот објект.

Сепак, истражувањето на КОД откри нешто сосема друго. На сметката на Соравија во Македонија  никогаш не стасале 6-те милиони од кредитот во банката во Албанија .

Пари од Америка

Иако на сметката на Соравиа не стигнале пари од Албанија, КОД открива дека сепак биле уплатени пари, но многу подалеку од првиот сосед на запад.

Во текот на летните месеци уплатени се 3 милиони долари на сметката на Соравиа.  Уплатени се од човек кој живее во САД, но американецот имал потекло од  Македонија. Претходно, испраќачот на трите милиони долари испраќал пари како донација и помош за УЧК.

Парите се уплатени и пријавени како позајмица. Тоа се единствените пари за сега уплатени на сметка на фирмата-сопственик на деловниот центар.

Индиректна потврда на трансакцијата е и смена во управителската структура на Соравиа. На први септември лани, како нов управител на Соравиа е додаден и Дрин Ахмети, внукот на лидерот на ДУИ. Промената е регистрирана и во Централниот регистар, 13 денови подоцна.

За американската трансакција знае и обвинителството кое истражува од јули по допрен глас. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција го води уште еден жител на Зајас, Ислам Абази и КОД постави прашања до нив за американската трансакција, но, и за тоа дали нешто друго е откриено во нивната предистрага за Соравиа.

-Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција веднаш по отворањето на предметот издаде низа наредби и насоки до повеќе релевантни институции со чија помош треба да се расветли случајот. Така, во оваа сеопфатна предистражна постапка освен истражители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал кои ги анализираат прибраните материјали , постапуваат и Управата за финансиско разузнавање, Управата за јавни приходи, Единицата за финансиски криминал – Сектор за криминалистички истраги при Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал  и Единица за економски криминал – Сектор за економски криминал и корупција при Одделот за криминалистичка полиција во МВР. Со оглед дека станува збор за предистражна постапка во интерес на истата, обвинителството во овој момент не може да сподели повеќе детали како не би се наштетило на понатамошниот тек на постапката, одговорија од ОЈОГОКК.

Нема отчет за парите иако Дрин Ахмети вети

Дрин Ахмети, тврдеше дека ќе го докаже неговото потекло на имот. Но до сега тоа не се случи.

„За секој имот кој го поседуваме, ќе го споделиме, се што сакате да знаете и видите. Само пратете на електронска пошта. И за медиумите и за органите на прогон. Нема да криеме ништо. Имајте на ум, тоа се деловни тајни, но јас ќе ги споделам со сите. Ако некој бизнисмен тоа го направил во јавноста, именувајте го“, рече тој.

Младиот Дрин е сопственик на неколку фирми заедно со своите браќа, братучеди татко и чичкото Али Ахмети.  

Некаде помеѓу Соравија и петардите се крие вистинскиот бизнис на Дрин Ахмети чие досие е богато со фирми и бизнис зделки но и превоз на пиротехника која требало да го развесели во Новогодишната ноќ.

Снежана Лупевска Созен

Прилогот е емитуван во емисијата „КОД ja открива мрежата на босот од Грчец, трансфер на пари за Соравиа“ е објавена на 28.01.2024.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нови битки за Преспа: СИРИЗА со осуда за изјавите на Мицкоски, но и со нотирање одговорност за Мицотакис

Дејан Дејан

Дали ќе се раскинува договорот со “Бехтел&Енка” за над милијарда евра вредните коридори?

Дејан Дејан

Милијардата ќе биде европска, но не унгарска, објаснува Мицкоски

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе