Вести Код Македонија

КОД: Пендаровски ја намалил, судот ја „избришал“ единствената затворска казна за смртта на дете во неисправниот лифт-убиец во Куманово

„Лифт-убиец“ на дете – изданието на КОД пред три години ги анализираше судските одлуки за трагедијата од јуни 2016-та за трагедијата во која 6-годишниот Петар загина во неисправен лифт во нова зграда во Куманово.

Лифтот немал заштита пред вратата и имало процеп (дупка) во окното. За време на сервис, лифтот бил оставен да се користи наместо да се смени или да се забрани негова употреба. На детето му паднала топка во отвореното окно и кога се обидел да посегне по неа, лифтот тргнал на повик и се случила трагедијата.

Од тогаш па се до денес родителите се уште ја бараат правдата за својот Петар. Условна затворска казна уште тогаш имаше за фирмата и управителот кои стопанисувале со зградата и кои одлучиле да признаат вина.

Втората фирма и управителот надлежни за одржување на лифтот одлучија да ја докажуваа својата невиност. Но во декември 2018-та кумановскиот суд носи пресуда, Бобан Додевски е виновен и одредува едно годишна затворска казна. Се жалело обвинителството, но апелациониот суд во април 2019 ја потврдува пресудата за Тешки дела против општата сигурност.

-Сметаме дека е премалку, а од момент на правосилност до сега нема ниту еден ден издржаноод казната, бидејќи има одлагања со месеци и години, вели адвокат на семејството на загинатото дете.

-Од пресудите не бевме задоволни, имаше само една затворска, а 3-4 беа условни со признавање на вина. Од 4 лица обвинети, на крај има пресуда од само една година и таа е одложувана веќе две години, сведочи Никица Петковски, таткото на загинатиот Петар.

Од април 2019 до денес се случиле неколку работи поради кои едно годишната казна Бобан Додевски не ја отслужил, а сите се поврзани со неговата здравствена состојба. тој во неколку наврати барал а судија дозволувал да се одложи одењето в затвор поради тоа што Додевски имал тешка болест-малигно заболување.

-Одложувавме извршување 3-4 пати токму поради тешката болест, изјави Дејан Додевски, адвокат на осудениот.

Но, во меѓувреме и претседателот на државата Стево Пендаровски се вмешал во случајот. Тој има право да помилува осуденици, па така меѓу делумно помилуваните се нашло и името на осудениот за настанот со лифтот во зградата во Куманово каде жртва беше шест годишниот Петар. Одлуката на Претседателот била казната да се намали за една четвртина па од 12, таа паднала на 9 месеци.

Сепак најголем шок за семејството на детето била последната одлука која ја добиле од кумановскиот суд а која воопшто не ја очекувале. Од ефективна затворска, преиначена е во условна, девет месеци во затвор но само ако во следните три години стори кривично дело.

Причина за ваквата одлука е медицинска документација дека осудениот има тешко малигно заболување, а според судот е употребена законска можност која што е дозволена во вакви ситуации.

Од Основен суд Куманово ни одговорија зошто ја донеле одлуката и ја поткрепиле со стручни називи од римско и казнено право.

-Одамна е надминато талионското начело, око за око, заб за заб, а современото казнено право се помалку е свртено кон ретрубитивниот елемент на кривичната санкција, а се повеќе е свртено кон ресоцијализација на личноста на обвинетиот, па судот смета дека изрекувањето на ефективни казни во конкретниот случај, можеби би ги задоволиле емоциите на оштетените и пошироката јавност,  но во исто време би создало ново неправо, прекумерно  страдање на еден тешко заболен човек, кога целите на казнувањето можат да се постигнат со алтернативна мерка условна осуда, гласеше одговорот на кумановскиот суд.

Но две различини и спротивставени гледишта на ваквата одлука имаат двајцата адвокати, на обвинетиот и на семејството. Обвинетиот достави документи и за негово лекување, не само во државата, туку и во странство каде исто така прима терапија.

За таткото на Петар пак уште понесфатливо е како обвинителството се согласило со условната казна.

-Го гледаме по дукани, кафеани, менува фирми и работи, се движи и изгледа нормално, вели таткото.

-Основното јавно обвинителство Куманово во принцип оди кон тоа да ја зголеми казнената политика за тешки кривични дела, а посебно кога има смртна последица од некој кривично-правен настан. Не сме задоволни со условни осуди за тешки кривични дела, и не е пракса да даваме позитивно мислење за вакви настани. Но беа доставени многубројни медицински документи кои укажуваат на особено влошена здравствена состојба заради тешко заболување на осудениот, ни одговори кумановското обвинителство кое ја одобрило одлуката на судот.

Освен за пресудата родителите и адвокатот имаат забелешка и за тоа што не е исплатена и отштета и покрај тоа што, за жал, велат ништо не може да го врати нивното дете. Се сомневаат дека намерно обвинетите ги пропаднале фирмите и отвориле други.

Обвинетиот и неговиот адвокат сметаат дека здравствената состојба е сериозна и бара лекување кое не може да се применува во затворски услови бидејќи станува збор за сериозна малигна болест. Во затвор може само да се влоши состојбата, тврдат од одбраната на Додевски.

Семејството на настраданиот 6-годишник ја обжали последната одлука со жалба пред скопскиот Апелационен суд со барање да се врати старата пресуда, единствена затворска казна за смртта на синот Петар.

Билјана Николовска

Целиот прилог за случајот е емитуван во емисијата КОД од 21.11.2021.

Во истото издание повеќе и за:

Ниските или условни судски казни за жртви во сообраќајни несреќи предизвикаа критики и дебати во јавноста изминатата недела.

КОД во продолжение, за сличен судски процес, кој заврши во петокот, но со голема казна од 7 и пол години затвор за возачот кој пијан и под дејство на опијати предизвикал тешка сообраќајна несреќа која што заврши со смрт на 17-годишната кумановка Јелена Филиповиќ, лани во јануари кај Миладиновци.

Казната е изречена откако 22-годишниот возач призна вина, со што всушност сите докази се „закопуваат“ во судските архиви. Семејството на настраданата пак смета дека се направени огромни пропусти во истрагата, а клучниот доказ- снимка од безбедносна камера не открива детали како настрадала нивната ќерка туку само дава временски приказ на настаните.

Случајот Јелена Филиповиќ имаше морбидно продолжение откако нејзиниот гроб беше ископан од затвореници во потрага по злато.

Во КОД на тема казнена политика за сообраќајни несреќи со жртви, интервјуа со обвинителот Бодан Лазаревски и Натали Петровска од коалицијата Сите за правично судење.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Се урна хеликоптерот на иранскиот претседател Ибрахим Раиси

Дејан Дејан

Мицкоски: По прегласувањето во ИЕ 5 очекуваме обезбедување двотретинско мнозинство

Дејан Дејан

Исчезна хеликоптерот со кој летал иранскиот претседател Ибрахим Раиси

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе