Вести Ковид19 Македонија Најважни

Повторно задоцнето пријавување на починати од Ковид- млада мајка меѓу жртвите вчера, а матичните бараат и тие да тестираат заради подобар третман на пациенти

18-годишна мајка на 6-месечно бебе е најмладата Ковид жртва од вчера. Смртноста се зголемува, матичните бараат да тестираат во ординација за побрз третман на заразените.

Девојка која се породила во март е најмладата жртва на Ковид 19 од вчера. Во кобниот билтен имаше вкупно 41 починат, а тројцата најмлади се 18-годишната девојка, 23-годишно момче од Скопје и 31-годишен жител на главниот град.

Сите биле невакцинирани, а од вчерашните жртви само тројца имале целосен вакцинален статус. Од министерството за здравство велат дека всушност дневната бројка е помала, а дополнително се пријавени-починати од претходно. Ни одговорија дека нема грешки во лекувањето туку починати со повеќе хронични болести.

-Само 24 пациенти починале во изминатото деноноќие. Останатите 17 пациенти починале во изминатите неколку недели во приватни болници или во домашни услови, но за нив пријавувањето може да е со задоцнување бидејќи е прeку матични лекари. Од вкупно 41 починати пациенти, само 11 биле без хронични заболувања, 29 од нив се со повеќе од две хронични заболувања, а сите имале кардиолошки болести, соопштија од МЗ.

– Не станува збор за грешка при лекување на пациенти со ковид, на дневно ниво се разговара за состојбата на пациентите во болница како и за починатите,во каква состојба се хоспитализирани, како напредувала формата на болеста, каква терапија им се давала, со какви хоринични заболувања биле, КИБФС веќе прави опсежна анализа, ни одговорија од Здравство.

Не е точна бројката на новозаразени, па затоа се гледа зголемена смртност, анализира и матичниот лекар Ненад Лазаров кој предлага, тестирање во ординација за побрз одговор и подобар третман на пациентите.

-Една од работите што се случува е што пациентите наместо да чекаат земаат сами брзи тестови од аптека. Тие не се со голема точност, потоа ако се позитивни луѓето седат дома и не влегуваат во систем. Ние како матични апелираме да ни се овозможи да имаме брзи тестирања во ординација. На тој начин заразените побрзо ќе се откриваат, а не како сега да чекаат по 4 или 5 дена за да добијат тестирање., ни изјави др. Ненад Лазаров.

-Ние некогаш им препорачуваме сами да се тестираат бидејќи не може термин за ПЦР тест да се обезбеди, а има луѓе кои тоа не може да го платат. Со тестирање во ординација веднаш позитивните ќе влезат во системот како заразени, ќе се знае точната моментална бројка, а покрај тоа ќе може да им закажеме соодветни лабораториски тестирања и рентген снимања.  Ако не се заведени како заразени не може да прават например крвна слика со Д-Димери бидејќи тоа на државна сметка е предвидено само за регистрирани болни, дополнува Лазаров.

Северна Македонија прва по број на починати во Европа, четврта во светот

Изминативе денови се зголемува и бројот на починати во домашни услови. Последната седмица процентот изнесува 9,5 % (201 вкупно починати, 19 во домашни услови) починати во домашни услови од вкупниот број на жртви. Тоа е многу повеќе отколку во претходните бранови и за цела пандемија.

-Секој заразен со ковид кој побарал лекарска нега истата ја добил. Не постои пациент кој бил за хоспитализација и истиот е вратен поради недостаток на болнички кревет. Поголемиот процент од починатите се повозрасни со хронични болести. Пациентите кои се со тешка клиничка слика имаат големи оштетувања на белите дробови кои најверојатно потекнуваат од тромбози на ниво на најмалите крвни садови на белите дробови што е во клиничката слика на оваа болест, ни одговорија од министерството.

Од министерството тврдат дека постојано се следи состојбата на сите заболени и дека сите се лекуваат според терапија која се користи секаде во светот. Но смртноста расте и Македонија е на 4-то место во светски рамки зад Перу, Босна и Херцеговина и Унгарија со смртност од 3.070 пациенти на милион жители.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Претседателските избори ја кројат идната Влада

Дејан Дејан

ДУИ им испрати кофер на Вреди

Дејан Дејан

Мерка за заштита на градот – туристите од денеска ќе плаќаат пет евра за влез во Венеција

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе