Се е подготвено за општите избори во Босна и Херцеговина в недела, на 4 октомври, чија регуларност ќе ја следат голем број на домашни и меѓународни набљудувачи, соопшти денеска Централната изборна комисија на БиХ (ЦИК).
За 518 позиции во органите на власта, од државно до кантонално ниво, на изборите се натпреваруваат повеќе од 7.000 кандидати од 76 партии, а право на глас согласно избирачкиот список имаат повеќе од 3,4 милиони гласачи. Гласањето ќе се одвива и во 20 дипломатско-конзуларни претставништва на БиХ во странство.
Идентитетот на гласачите на избирачките места ќе се утврдува со отпечаток од прст, а сите гласачки ливчиња ќе бидат скенирани веднаш по гласањето. Тоа треба да ѝ овозможи на ЦИК да ги објави првите прелиминарни резултати непосредно по затворањето на избирачките места, односно в недела околу 20 часот. За следење на изборниот процес, ЦИК досега акредитираше повеќе од 2.400 набљудувачи, од кои 756 се од странство.
Од друга страна, од коалицијата на невладини организации „Под лупа“, која го следи спроведувањето на изборите, предупредија дека досега документирале повеќе од 1.200 различни неправилности во текот на кампањата. Речиси половина од прекршоците се однесуваат на злоупотреба на јавни ресурси од страна на партиите и кандидатите за обезбедување наклонетост кај гласачите.
Според нивната евиденција, ЦИК по пријавите досега изрекла парични казни во вкупен износ од над 150.000 евра. Од коалицијата наведоа дека за речиси 20 проценти од неправилностите е одговорен Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) на Милорад Додик, а за околу 10 проценти Странката на демократска акција (СДА).












