Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Виткоф и Кушнер пристигнаа во Киев – „суштински, конструктивни и искрени“ е оценката на Кремљ за разговорите во Москва

/

Свет

Сподели преку :

„Суштински, конструктивни и крајни искрени“. Ова е оценката на Кремљ за тричасовните разговори во Москва на рускиот претседател Владимир Путин со американски посредници Стив Виткоф и Џаред Кушнер за изнаоѓање на начини за крај на војната во Украина. Гостите од Вашингтон изнеле „низа на идеи за можните начини за постигнување на мир“, но деталите остануваат енигма за јавноста. Освен за војната во Украина, се разговарало и на економски теми, како и за потенцијални руско-американски проекти од голем обем

„Руската страна изнесе јасни и сеопфатни проценки за ситуацијата што се одвива во текот на специјалната воена операција. Тие особено укажаа на значителното напредување на руската армија во борбената зона и изразија уверување во постигнувањето на нејзините цели. И, се разбира, ја истакнаа потребата за решавање на сите основни причини за конфликтот“, изјави Јури Ушаков, советник на претседателот на Русија за надворешни прашања.

Виткоф на отворениот дел од средбата со додворувачки тон кон Путин. Му пренесе поздрав од Трамп, како и благодарност од семејството на Роб Гилман. поранешен американски маринец кого Русија го ослободи од затвор од хуманитарни причини. Специјалниот пратеник на Трамп се заблагодари и за наредбата за тридневен прекин на руските напади врз Киев за да се овозможи безбедно пристигнување, престој и заминување на американската делегација од Украина.

„Пред сè, претседателе Путин, Ви благодарам многу што нè примивте. Штотуку седевме надвор, јас, Џаред (Кушнер) и Кирил (Дмитров), а потоа ни се придружи и Јуриј (Ушаков), и разговаравме за тоа како, кога ќе се пензионираме, ќе имаме многу неверојатни приказни и спомени, а Вашата приказна ќе биде на самото чело на сите нив. Ви благодарам. Претседателот Трамп Ви упатува срдечни поздрави. Семејството Гилман Ви е неизмерно благодарно што му беше овозможено на Роб Гилман да се врати дома“, рече Стив Виткоф, специјален пратеник на САД, во обраќањето до Путин.

Ова е прва официјална посета на Виткоф и Кушнер на Москва и Киев од јануари со која американската администрација се обидува да ги заживее напорите за крај на војната во Украина. Фокусот на Вашингтон за руско-украинската војна загуби на интензитет во изминатите шест месеци, бидејќи вниманието беше насочено кон Иран.

Виткоф и Кушнер претпладнево пристигнаа во Киев на разговори со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Нивната посета на Русија и на Украина доаѓа во период на интензивирање на воздушните кампањи, а за време на разговорите со американските посредници, Путин и Зеленски се согласија да ги прекинат нападите на главните градови.

Меѓу Русија и Украина постојат големи и длабоки разлики за основните услови за можен мировен договор. Москва бара територијални отстапки од Украина и откажување од намерата за членство во НАТО што Киев категорично ги отфрла.

Сашко Димовски