Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Унгарија ја исклучува нуклеарната централа Пакш поради рекордно ниско ниво на Дунав – за првпат во 44 годишното постоење

/

Свет

Сподели преку :

Нуклеарната централа Пакш во Унгарија, која произведува речиси половина од електричната енергија во земјата, би можела да биде исклучена уште овој викенд поради рекордно ниските нивоа на водата на реката Дунав, изјави во вонредното обраќање премиерот Петер Маѓар.

Единствената нуклеарна централа во Унгарија ќе се исклучи за првпат во својата историја поради рекордно ниските нивоа на водата на реката Дунав, рече  Маѓар, додавајќи дека централата можеби нема да биде повторно активна неколку недели бидејќи се очекува реката да продолжи да се повлекува.

Нуклеарната централа Пакш, која се наоѓа околу 90 километри јужно од главниот град Будимпешта, а која вообичаено снабдува речиси половина од електричната енергија во Унгарија веќе работи со помалку од половина од својот нормален капацитет, произведувајќи 965 мегавати енергија наместо вообичаените 2.000.

Централата користи вода од Дунав за ладење на своите реактори, но исклучително ниското ниво на водата ја тестира способноста на пумпите да внесат доволни количини во централата.

Маѓар  нагласи дека исклучувањето може да се изврши безбедно и не претставува ризик за јавноста или животната средина.

Тој денеска  имаше вонредно обраќање во кое ги повика граѓаните да веруваат само на официјалните канали за информирање.

-Вонредно се обраќам до унгарската нација. Ве молам, во наредните денови, информирајте се само преку официјални владини канали за донесените одлуки и за сите можни ограничувања! Исто така, ве молам да се придржувате до одлуките на властите за одржување на непречено функционирање на енергетските и водоводните мрежи“, рече Маѓар.

Тој додаде дека целосното прекинување на работата може да се случи побрзо од претходно планираното за вторник и среда,  односно уште овој викенд.

Владата претходно ги повика домаќинствата и бизнисите да ја намалат потрошувачката на електрична енергија во текот на вечерните часови за да помогнат во спречувањето на недостиг на електрична енергија.