Откако демонстрантите ги искршија столчињата за дијалог што ги постави пред зградата во која се наоѓа неговиот кабинет, албанскиот премиер утрово пристапи на поинаков начин. Поставени се бетонски столпчиња со напис „Дијалог“, а на својот Фејсбук прифил објави и видео со краток коментар „Добро утро“.
Меѓутоа, промената на „мебелот“, не ја промени суштината на порака на премиерот Рама кој упорно го повторува повикот до демонстрантите да седнат и да разговараат.
Во меѓувреме, Тирана е пред нов тензичен ден. Студентите и граѓаните најавија нови собири и протести пред парламентот на Албанија, каде е закажана пленарна седница.
Протестите во Албанија траат веќе 10 дена. Почнаа со незадоволство од состојбата во образованието, високите трошоци за студирање и недоволните можности за вработување, но подоцна прераснаа во демонстрации против владата, со барања за оставка на Еди Рама.
За време на вчерашните протести, демонстрантите фрлаа Молотови коктели кон кабинетот на Рама и полицискиот кордон кој го штитеше објектот. Притоа беше предизвикан мал пожар што брзо беше изгаснат од пожарникарите.
Фото: facebook/edirama












