Стотици граѓани на улиците во Белград, синоќа маршираа во знак на поддршка на екипата на сатиричната емисија „24 минути со Зоран Кесиќ“, откако таа беше отстранета од телевизиската програма. Пред зградата на српското претседателство одекнуваше пораката „Студентите победуваат“.
Собирот започна на плоштадот „Никола Пашиќ“, по повик на повеќе новинарски здруженија и медиумски организации. Учесниците потоа поминаа покрај српското Собрание и претседателството, а дел од возачите со сирени им изразуваа поддршка.
Организаторите порачаа дека протестот не е само за судбината на една емисија, туку и за сè потесниот простор за слободно, критичко и сатирично новинарство во Србија.
View this post on Instagram
Зоран Кесиќ пред присутните праша како една емисија што била претставувана како „маргинална“ успеала да собере толку многу луѓе на улиците.
„Ова не е парастос, туку воскресение“, порача Кесиќ и најави дека „24 минути“ ќе продолжи на Јутјуб. Новото издание е најавено за 19 септември во 19 часот и 30 минути.
Собирот го покажа незадоволство од состојбата со медиумските слободи во Србија. Пораката „Студентите победуваат“, која се слушаше пред претседателството, го поврза маршот со повеќемесечните студентски и граѓански протести низ земјата.
View this post on Instagram












