Реакции предизвика спотот кој студентите од Факултетот за драмски уметности во Белград, го објавија а во кој централна фигура е српскиот претседател Александар Вучиќ. Претседателката на Собранието Ана Брнабиќ по неговото објавување свика вонредна прес-конференција.
Видеото е направено како монтажа во која снимки што Вучиќ претходно ги објавувал на својот профил на Инстаграм се комбинираат со пораки и снимки од граѓани од протестите низ Србија.
Во еден дел од спотот се појавува снимка на која Вучиќ дели цвеќе на жени за 8 Март, по што следуваат пораки од граѓанки дека претседателот „не е добредојден“ и дека „народот не сака да го види“.
Потоа следува снимка од Вучиќ пред кого роботи играат оро, комбинирана со претходна изјава на студентка дека ќе игра оро на денот кога ќе се пренесуваат апсења на претставници на власта.
Во друг дел од видеото се користи изјавата на Вучиќ дека ќе земе мало камионче и со него ќе тргне во кампања. Таа е проследена со снимки и пораки од протестите – „Вучиќ непожелен“, „никој не го сака“ и „persona non grata“.
Srbija ga nije htela. https://t.co/pTCjcwM55s
— FDU u blokadi (@sviublokade_fdu) September 19, 2026
Спотот завршува со сцени на бришење плочки и сапун оставен на подот.
Крајот на видеото ја предизвика големата реакција на власта, Брнабиќ го оцени како „монструозно“ видеото и „пресвртница во кампањата“. Поради видеото, Брнабиќ се обрати и до Европскиот парламент и побара реакција од европските партнери и политичките групи во институцијата. Таа го поврза спотот со Студентската листа и изборната кампања во Србија.












