Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Уапсен украински нуркач во Пула кој е осомничен за саботажа на гасоводите „Северен тек“

/

Свет

Сподели преку :

Германското федерално обвинителство соопшти дека утрово во Пула е уапсен украински државјанин кој е осомничен за нападите врз гасоводите „Северен тек“ во Балтичкото Море. Во соопштението се наведува дека осомничениот е идентификуван како Владимир З., а се наведува дека го уапсиле локалните полициски сили во Пула, постапувајќи по европски налог за апсење.

Тој е под сериозно сомнение дека учествувал во заедничко предизвикување експлозии, противуставна саботажа и уништување објекти и постројки. Ова е вториот уапсен кој е осомничен за нападите врз „Северен тек“.

Владимир З. е обучен нуркач и бил дел од групата околу одделно обвинетиот Сергиј К. којашто поставила експлозив на гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“ во близина на островот Борнхолм во септември во 2022 година. Според обвинителството, осомничениот учествувал во неопходните нуркања. За таа цел, тој и неговите соучесници отпатувале од Росток со едрилица.

Посредници претходно ја изнајмиле јахтата од германска компанија со користење фалсификувани лични документи. Експлозивот бил активиран на 26 септември во 2022 година, при што беа предизвикани значителни оштетувања на двата гасовода.

По екстрадицијата од Хрватска, осомничениот ќе биде изведен пред истражен судија на Сојузниот суд на правдата.

Германското федерално обвинителство на 30 јуни во 2026 година поднесе обвинение против Сергиј К. пред судот во Хамбург.