Турските власти запленија 350 килограми кокаин скриен на брод од Јужна Америка, што го прекина меѓународниот шверц со дрога преку море. Операцијата беше реализирана во пристаништето Мерсин, каде брод од Бразил беше запленет за време на претрес.
Дрогата има пазарна вредност од околу 26,6 милиони евра. Девет лица се уапсени, а против нив е поведена правна постапка за производство и трговија со опојни средства.
Министерот за правда Акин Ѓурлек истакна дека Турција ќе продолжи со борбата против кривичните дела поврзани со дрога, од изворот до дистрибутивните мрежи, и најави нулта толеранција кон нарко-босовите и криминалните мрежи.
Операцијата е резултат на напорите на полицијата од Истанбул и Мерсин, кои ги следеле плановите на меѓународните криминални организации за транспорт на дрога по морски пат од Јужна Америка.
Во рамките на истрагата, е откриено дека нарко-организацијата планирала дрогата да ја скрие во трупот на бродот и да ја извлече со помош на нуркачи, со цел да ја транспортира во западните провинции на Турција.
Турските власти нагласуваат дека со оваа акција се значително погодени меѓународните криминални мрежи, а во последните денови е уапсен и лидер на меѓународна организација за трговија со дрога, по кој се трагаше од 2017 година.












