Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Турција усвои закон за условно помилување на членови на Курдската работничка партија

/

Свет

Сподели преку :

Турскиот парламент усвои закон кој предвидува условно помилување на илјадници осудени борци и припадници на Курдската работничка партија, во обид, како што тврди владата во Анкара, да ја забрза иницијативата за постигнување мир со сепаратистичката партија. Законот, кој содржи 12 члена, предвидува помилување на осудените курдски сепаратисти откако државата ќе потврди дека Курдската работничка партија е целосно разоружана.

Иницијативата доаѓа откако минатата година самата Курдска работничка партија соопшти дека ја прекинува децениската борба за ослободување на Курдите од Турција и дека организацијата е подготвена да се самораспушти во замена за постигнување траен мир.

Иако законот наиде на широка поддршка во турскиот парламент, тој сепак беше соочен со сериозни критики.

Отворено и јасно кажуваме, нема слепо да го поддржиме овој текст, ниту пак ќе го одбиеме, затоа што е некомплетен. Ја препознаваме неговата вредност, но отворено ги посочуваме неговите недостатоци. Нема сомнеж дека има пропусти и аспекти од овој закон кој можат да бидат критикувани. Фактот што не се вклучени во законот не значи дека се заборавени барањата како правото на употреба на мајчиниот јазик, правото на државјанство и, пред сѐ, правото на демократија. Тие се незаменливи елементи во овој процес, тие се подлогата на патот кон мирот. Сепак, не смееме да ги сфатиме критериумите на првата фаза со тие на конечното решение, порача Тунчер Бакирхан, заменик претседател на партијата за Народна еднаквост и демократија.

Но, некои препознаваат и многу по подмолен политички мотив за Ердоган, обвинувајќи дека тој се обидува да ја освои поддршката од Курдите во својата желба да стане доживотен претседател на Турција.

Целта е да се создадат услови Ердоган да стане доживотен претседател. Видете, ви кажувам овде, ние ќе гласаме против. Ќе застанеме на вистинската страна на историјата, ќе останеме верни на заклетвата која ја положивме, на нашата чест и достоинство и пред нашиот народ, рече Мусават Дервишоглу, лидер на партијата Добро.

12 члениот закон ги утврдува процедурите за разоружување на групата и рехабилитација на илјадници нејзини членови. Предвидува суспендирање на затворски казни за некои од осудените членови на Курдската работничка партија, како и замрзнување на истрагите и одложување на судските процеси против други за период од 5 до 10 години, во зависност од сериозноста на обвинувањата.

Игор Трајков