САД постигнаа договор со Венецуела со кој ќе добијат контрола врз повеќе од 65 милијарди барели од нејзините докажани резерви на нафта, објави претседателот Доналд Трамп.
„Оваа историска трансакција ПОВЕЌЕ ОД ДВОЈНО ГИ ЗГОЛЕМУВА американските резерви на нафта, значително го зголемува нашето снабдување со нафта и ќе ги намали цените на бензинот за сите Американци“, напиша Трамп на социјалните мрежи.
Привремената претседателка на Венецуела, Делси Родригез, го поздрави договорот, оценувајќи дека тој ќе помогне во економското закрепнување на земјата.
Трамп вети дека ќе ги искористи резервите на Венецуела, кои се најголеми во светот, откако САД го заробија тогашниот претседател Николас Мадуро оваа година. Но, шефот на американската држава, беше под притисок да ги намали домашните цени на горивото, кои нагло пораснаа за време на конфликтот со Иран.
Државниот секретар Марко Рубио го нарече договорот „голема победа и за американскиот и за венецуелскиот народ“.
„За венецуелскиот народ, овој договор ќе донесе речиси 100 милијарди долари приватни инвестиции, ќе поддржи илјадници добро платени работни места и ќе придонесе за обновата на венецуелската економија“, тврди Рубио.
Во својата објава, Трамп напиша дека Рубио и секретарот за одбрана Пит Хегсет го постигнале договорот со венецуелското раководство „преку партнерство со приватен бизнис“.
Тој не даде дополнителни детали за партнерството, ниту ги опиша можните обврски и услови за САД во договорот, но тврдеше дека договорот е постигнат „без никаков трошок за американскиот даночен обврзник“.
Привремената претседателка на Венецуела во соопштение изјави дека договорот ќе има „значително влијание врз обновувањето на нашата нација“.
Според Родригез, договорот предвидува развој на 17 стратешки нафтени полиња со докажан потенцијал од 65 милијарди барели, инвестиции од повеќе од 100 милијарди долари и повеќе од 209 милијарди долари даночни приходи за државата.
„Овие инвестиции ќе придонесат не само за обновување и модернизирање на нашата индустрија, туку и за економскиот раст на нашата земја, енергетската безбедност на нашата хемисфера и поголема рамнотежа на меѓународните пазари“, рече таа.
Според американски претставник, под условите на договорот, владата на САД ќе задржи 55% контрола врз заедничко вложување со „искусен приватен оператор во Венецуела“.
Родригез му доделила на заедничкото вложување 100-годишна концесија за управување со нафтените полиња, според истиот претставник.
Трамп даде малку конкретни информации за овој крајно необичен договор, кој, според досегашните информации, на САД би им дал директна улога во управувањето со суверените национални ресурси на друга држава.
Сепак, не е јасно дали договорот со Венецуела би можел да се соочи со правни и уставни предизвици во јужноамериканската земја. Официјалниот текст на договорот меѓу Вашингтон и Каракас сè уште не е објавен.
Претседателот Мадуро и неговата сопруга, Силија Флорес, беа заробени во операција на американските специјални сили, одобрена од Трамп, на 3 јануари.












