Новинарите на CNN, Politico и MS NOW повторно добија пристап до Белата куќа, откако побараа итно судско рочиште за враќање на одземениот пристап до претседателската администрација.
Трите медиумски куќи во поднесок до судот ја обвинија Белата куќа дека „повеќепати ја прекршила“ судската одлука со која привремено беше укината забраната што ја воведе претседателот Доналд Трамп.
Белата куќа, пак, во судски поднесок соопшти дека почнала да го враќа пристапот денеска нешто по 9 часот по локално време.
Трамп минатиот петок ја објави забраната, обвинувајќи ги трите медиуми дека објавуваат „измислици или лаги“ за неговата администрација.
Белата куќа подоцна како образложение ја наведе и националната безбедност.
Федералниот судија Тимоти Кели одлучи забраната привремено да биде укината, оценувајќи дека таа „веројатно ги прекршува уставните права за соодветна постапка“ на медиумите.
Спорот влијаеше и врз телевизиското покривање на пречекот на кинескиот претседател Си Џинпинг.
Телевизиските мрежи Fox News, NBC, CBS и ABC го суспендираа заедничкото обезбедување видео-снимки од настаните во Белата куќа во знак на солидарност со трите медиуми.
Повеќе од 50 медиумски организации, од различни политички ориентации, поднесоа и правен поднесок во поддршка на тужбата, меѓу нив Fox News, New York Times, Washington Post и Wall Street Journal.
И во минатото имало обиди на американски администрации да ограничат пристап на одредени медиуми.
Во 2009 година, администрацијата на Барак Обама се обиде да го исклучи Fox News од конкретно интервју во рамките на системот на заедничко телевизиско известување.
По приговорите на другите четири телевизиски мрежи, Fox News сепак доби пристап.












