Светот е далеку од исполнување на целта за запирање на уништувањето на шумите до 2030 година, и покрај тоа што загубата на шумски површини се намалила во 2025 година.
Според извештајот на консултантската организација „Клајмат фокус“, минатата година биле уништени околу седум милиони хектари шума, што е за 15 проценти помалку во споредба со 2024 година.
Сепак, оваа површина значително ја надминува целта, според која годишната загуба треба да биде ограничена на 4,2 милиони хектари.
Најголеми загуби се регистрирани во тропските шуми на Латинска Америка, каде што исчезнале 2,5 милиони хектари, и во тропските делови на Африка со 2,4 милиони хектари.
Додека уништувањето на шумите во Латинска Америка е намалено за 33 проценти, во басенот на Конго нема значителни знаци на подобрување.
Како главни причини се посочуваат проширувањето на земјоделските површини, сечата на дрвја и рударството.
Авторите на извештајот предупредуваат и дека напредокот може да биде загрозен од политичките промени и недоволните мерки за заштита на шумите.












