Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Шпанија поставува заштитна бариера кај Сеута – мигрантите се враќаат во Мароко, но не и мирот во градот

/

Свет

Сподели преку :

Бројот на загинати во мигрантската инвазија од Мароко во Шпанија се искачи на 67, соопшти денеска шпанската влада. Меѓу нив имало луѓе кои се удавиле, но и такви кои го загубиле животот во стампедото додека се обидувале да ја минат границата и да влезат во Сеута. Шпанија објави дека поставува заштитна бариера долга 500 метри долж оградата кај плажата Ел Тарахал. Ситуацијата на терен полека се става под контрола, но животот и мирот на локалното население во шпанската енклава на северот на Африка и натаму е нарушен.

„Животот во овој град е нарушен како последица на граничниот инцидент, најтешкиот што сме го доживеале во нашата историја. Од вчера, враќањето на луѓето се одвива задоволително, но процесот мора да се заврши. Градот сè уште не се вратил во нормала и неопходно е да се одржува високо ниво на јавна безбедност“, изјави Хуан Хезус Вивас, градоначалник-претседател на Сеута. 

Најголем дел од 60.000 Мароканци кои во четвртокот по морски пат влегоа на шпанска територија се вратија во својата матична земја, тврдат властите во Мадрид. Но, на улиците и парковите во градот и натаму се забележуваат исцрпени мигранти по напорното пливање и веслање во обид за подобар живот. Дел од нив, сепак, се решени да останат во Сеута, иако најголем дел од продавниците, кафулињата и рестораните во градот се затворени поради страв од инциденти.

„Сите овие луѓе се наоѓаат во многу тешка ситуација. Не ни даваат ниту храна ниту пијалак, а затворија сè, за да не можеме да купиме ништо за јадење, со цел да нè принудат да се вратиме во нашата земја. Но, дури и да затворат сè, дури и сè да биде затворено, ние ќе останеме овде, без разлика дали сме гладни или не“, порача Мохамед Хатри (23), мигрант во Сеута.

Најновата мигрантска криза беше причина за протести пред амбасадата на Мароко во Мадрид, каде стотици Шпанци изразија револт поради последниот инцидент кај Сеута, веејќи знамиња и носејќи транспаренти со порака „Тргнете ги валканите раце од Шпанија“ и „Шпанија не е на продажба“. Последниот мигрантски инцидент го оценија како инвазија и сметаат дека го загрозува нивниот национален идентитет, а дел од нив ја лоцираа вината во премиерот Педро Санчез.

„Ја сакам својата земја и го сакам своето семејство. Ги сакам моите пријатели и сонародници и верувам дека ова не е прашање на политички партии. Станува збор за прашање на национален идентитет и национален суверенитет. Не смее да се отстапат ниту Сеута, ниту Мелилја, а уште помалку Канарските Острови“, смета Моника Фустер (32), преведувачка.

„Ова е инвазија, однапред смислена инвазија прифатена од Санчез, најголемиот предавник што Шпанија некогаш го имала, кој ја распродава Шпанија“, вели Мануел Гил (47), градежник.

Шпанскиот премиер Педро Санчез го осуди пробивањето на границата, опишувајќи го како „кршење на територијалниот интегритет на Шпанија“. За кризата ги обвини шверцерите на луѓе за кризата кои, според него, погрешно ја протолкувале неодамнешната одлука на шпанскиот Врховен суд според која мигрантите што пристигнуваат по морски пат не можат да бидат депортирани по брза постапка, за разлика од оние што ја минуваат границата по копно.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека „сликите од Сеута се неприфатливи“. Поедини земји членки на Европската Унија побараа заострување на контролите на надворешните граници на Блокот, додека Италија ја суспендира примената на шенгенскиот режим со Шпанија, како одговор на масовниот влез на мигранти кај Сеута.

Сашко Димовски