По повеќе од 30 часа потрага, спасувачките сили на противпожарната служба на Грција ги пронајдоа и извлекоа од урнатините шесте безживотните тела на исчезнатите четворица туристи и двајца станари по вчерашната експлозија во двокатна зграда во атинската населба Плака, со што и заврши операцијата за пребарување што започна во петокот наутро.
Жртвите се тројца државјани на САД со албанско потекло и еден Американец, кои веројатно биле на одмор во Атина и престојувале на првиот кат што функционирал како Airbnb, како и повозрасна брачна двојка, Гркинка и Британец на возраст од 77 и 78 години, кои живееле на првиот кат.
Експлозијата се случи во петокот околу 7 часот и 45 минути, најверојатно од истекување на природен гас, а зградата целосно се урна.
Операцијата за пребарување почна веднаш по експлозијата и непрекинато траеше во текот на ноќта, кога беше пронајдено и извлечено првото тело, а извлекувањето на продолжи во текот на денот, со останатите пет тела кои со возила на брзата помош беа префрлени во атинските болници.
По завршувањето на операцијата, директорот за стратешко планирање и комуникации на Противпожарната служба на Грција Василис Ватракојанис потврди дека беа извлечени телата на шестемина и потсети дека веднаш по експлозијата вчера наутро, пожарникарите евакуираа две жени од соседната зграда.
Ватракојанис рече дека пред експлозијата до Противпожарната служба не била доставена никаква пријава за миризба на гас во областа.
Операцијата се спроведува согласно протоколот за постапување што се применува по уривање на објект од земјотрес, без никаков прекин во текот на ноќта, и со присуство на грчката полиција. Во текот на целата операција беа користени геофони за откривање звуци, како и камери за лоцирање на лицата, како и кучиња за пребарување и спасување, објасни Ватракојанис,
Вклучени беа 30 пожарникари со шест возила, од кои две специјализирани спасувачки возила, како и три кучиња за пребарување и спасување.












