Урнати првите три ката од седумкатница во истанбулската наслеба Малтепе. Пет лица, меѓу кои и две деца, се спасени од урнатините. Несреќата се случила околу 5:40 часот на улицата Догу во населбата Џевизли.
На местото веднаш биле испратени пожарникари, полиција, екипи на Управата за катастрофи и вонредни состојби и медицински тимови. Спасувачите најпрво ги евакуирале жителите кои останале во становите на повисоките, неоштетени катови, по што започнала потрагата по затрупани лица.

Утврдено е дека текстилната работилница во приземјето во моментот на уривањето била празна. Со помош на кучиња трагачи, спасувачките екипи од урнатините извлекле пет лица, кои биле пренесени во болница. За време на интервенцијата, на еден пожарникар му се слошило, по што и тој бил пренесен на медицинска помош.
Истанбулскиот гувернер Давут Ѓул изјави дека зградата била изградена во 1987 година и имала деловен простор во приземјето и шест станбени ката со вкупно 12 станови.
Според официјалните податоци, во зградата биле пријавени 33 лица. Уривањето погодило четири стана на првите три ката. Во нив биле пријавени 14 лица. Две лица во моментот не биле во Истанбул, пет се спасени, со четири лица е воспоставен контакт, додека по три лица продолжува потрагата.
Ѓул изјави дека никој од спасените не е во животна опасност. Тој додаде дека се проценува оти под урнатините може да има уште седум лица, но бројката не е конечна бидејќи во становите можело да има гости или жители кои во моментот не биле во објектот.












