Фотоархива
Викторија Хаидаи ги разгледува уништените остатоци од печатницата, која требало да биде во полн погон со печатење учебници подготвени за новата учебна година. Погонот, кој се наоѓа на периферијата на Киев, бил погоден во текот на ноќта од руска ракета, токму во периодот кога производството се интензивирало за да се испечатат 1,3 милиони книги – што претставува 10 отсто од сите учебници во Украина, објави Би-Би-Си.
Русија во серија неодамнешни напади погоди печатници и издавачки куќи низ Украина, при што уништи 12 милиони книги и оштети други симболи на украинската историја и култура.
Украинските локални медиуми известуваат дека Русија уништила една третина од сите книги испечатени во Украина годинава.
Ништо не може да се спаси во оваа печатница во Киев. Дури и страниците што ги преживеале пламените јазици биле оштетени од водата, поради гаснењето на пожарот или изложеноста на временските услови по уривањето на покривот.
„Верувам дека ова е намерно од страна на Руската Федерација“, вели Хаидаи, комерцијална директорка на издавачката куќа „Конви“. „Во изминатите два месеца, некои од најголемите издавачки куќи ги загубија своите логистички магацини, во кои биле складирани огромни количества книги.
Русите исто така уништуваат печатници во обид да ја избришат Украина како нација.
Во изминатите неколку недели биле погодени повеќе од 35 објекти поврзани со издавачката дејност.
Но, не се на удар само новите книги. Бил погоден и киевскиот пазар за половни книги „Почаина“, при што биле уништени стотици поединечни тезги и безброј вредни книги.
Постојат предупредувања дека целиот украински издавачки сектор е под закана и дека му е потребна меѓународна поддршка за да може да продолжи да функционира.
Во бомбардираната печатница во Киев, Викторија Хаидаи за Би-Би-Си изјави дека заштитата на индустријата е од клучно значење за зачувување на украинската литература.
„Зборот е сè. Тој е нашиот развој, нашата култура и нашето историско наследство, кое се пренесува од генерација на генерација.“
Во изјава за Би-Би-Си, руската амбасада во Обединетото Кралство ја обвини украинската влада за оштетувањето на сопственото културно наследство, наведувајќи дека спомениците биле отстранувани, а улиците преименувани. Амбасадата исто така тврдеше дека културните објекти биле користени за прикривање воени објекти.
Кремљ постојано негира дека намерно гаѓа цивилни цели во текот на петте години од целосната инвазија врз Украина, и покрај повторените и широко распространети ракетни и дронски напади врз станбени објекти и друга цивилна инфраструктура.












