Договорот за прекин на огнот меѓу САД и Иран, кој требаше да овозможи 60 дневен временски период за постигнување конечен мировен договор истече денеска, без шанси за негово продолжување.
Војната не само што не заврши, туку очигледно Вашингтон и Техеран остануваат на крајно спротивставени позиции, со сосема поинаква интерпретација на тоа што се случува и кој всушност го контролира Ормускиот теснец, низ кој пред да почне американско -израелската војна против Иран, минуваше околу 20 проценти од светската нафта.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, кој неодамна изрази и желба да го прогласи теснецот за американска територија, и натаму инсистира, игнорирајќи ја во свој добро познат стил – реалноста, дека Соединетите држави се тие кои всушност ја контролираат виталната нафтена рута.
„Имаме целосна контрола врз теснецот. Тие можат да прават проблеми. Можат да постават мина во водата. А луѓето не сакаат да има мини кога станува збор за бродови вредни милијарди долари, знаете. Но, блокадата беше многу ефикасна. Ако ги погледнете бројките што ги постигнуваме, теснецот е отворен, а цените на нафтата се намалуваат и ќе продолжат да се намалуваат, освен ако не одлучиме да преземеме нешто многу подрастично од она што го правиме сега“– рече американскиот претседател, Доналд Трамп.
Тврдењето на Трамп дека цените на нафтата се намалени веднаш го демантираа светските берзи, каде денеска цената на глобалниот стандард – нафтата „Брент“ се искачи на 91 долар, што е највисоко ниво од јули.
На американските берзи цената исто така порасна и достигна 85 долари за еден барел.
Тензиите растат и во Ормускиот теснец, каде еден трговски брод бил погоден со проектил, кој засега не се знае кој го истрелал.
Иран, кој ефективно го блокираше транзитот на енергенси низ теснецот по почетокот на американско-израелските напади од 28-ми февруари, денеска јасно ги повтори своите барања за нормализирање на поморскиот сообраќај.
„Да бидам јасен: сè додека Соединетите Американски Држави не ги исполнат своите обврски согласно договорот, вклучително и укинување на блокадата, ослободување на замрзнатите средства, укинување на санкциите за нафтата, прекин на заканите и воените операции на сите фронтови, како и спроведување на останатите услови на кои се обврзаа, Ормускиот теснец нема повторно да биде отворен“ – изјави Мохамед Багер Галибаф, главниот преговарач на Иран и претседател на парламентот.
Иран најави и дека е многу блиску до постигнување договор со султанатот Оман за рутите по кои може да се одвива поморскиот сообраќај низ теснецот, што дополнително го разбесни американскиот претседател, кој со вулгарни зборови, и се закани на земјата која важи за традиционален сојузник на САД, дека доколку им попречува на американските планови за контрола на теснецот, ќе нареди жестоко бомбардирање на цели во оваа арапска држава.
Никола Илиевски












