Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Ракетната одбрана, Донбас и безбедносните гаранции тема на разговорите на Зеленски со Виткоф и Кушнер во Киев

/

Свет

Сподели преку :

Американските посредници Стив Виткоф и Џаред Кушнер ја завршија посетата на Украина. Во Киев денеска одржаа две рунди разговори со нивниот домаќин, претседателот Володимир Зеленски, како дел од обновените напори за ставање крај на руско-украинската војна која трае веќе четири и пол години. На третата се придружија и советниците за национална безбедност на Велика Британија, Франција и Германија. Теми беа ракетната одбрана, Донбас и безбедносните гаранции, но детали во јавноста не се изнесени.

За Виткоф, разговорите во Москва и денешните во Киев се „охрабрувачки, суштински и важни“. Порача дека за американскиот претседател Трамп е важно не само крај на војната, туку да се создадат услови за траен мир.

„Двете страни мора да дојдат до решение, а мојата и задачата на Џаред е да ги зближиме страните, да ги стесниме разликите меѓу нив и да воспоставиме добри канали за комуникација. Се надеваме дека конструктивно го започнавме тој процес во изминатите 48 часа и уверени сме дека ќе се постигне добро решение“, изјави Стив Виткоф, специјален пратеник на САД. 

За Украинскиот претседател Володимир Зеленски, прашањето за Донбас е „прашање на војната“ и изрази уверување во јакнење на одбраната на Киев. Се заблагодари на посетата на американските посредници, како и на поддршката што претседателот на САД ја дава на Украина. Во шега рече дека Виткоф и Кушнер овие денови ги заштитиле подобро од системите „Патроит“ и ги покани да бидат почести гости, алудирајќи на тридневното запирање на руските воздушни напади врз Киев за време на посетата. Зеленски најави дека неговата земја ќе го зголеми и производството на своите системи за противбалистички ракети.

„Прашањето за Донбас не е само прашање за Донбас. Меѓу нас кажано, верувам дека ова е клучното прашање на оваа војна. Војна и за опстанок и за исцрпување. А станува збор и за територијално прашање, што е и цел на руската страна. Јасно е дека тоа е истурена позиција на Украина во многу погледи“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Ова е прва официјална посета на Виткоф и Кушнер на Москва и Киев од јануари со која американската администрација се обидува да ги заживее напорите за крај на војната во Украина. Фокусот на Вашингтон за руско-украинската војна загуби на интензитет во изминатите шест месеци, бидејќи вниманието беше насочено кон Иран.

Нивната посета на Русија и на Украина доаѓа во период на интензивирање на воздушните кампањи, а за време на разговорите со американските посредници, Путин и Зеленски се согласија да ги прекинат нападите на главните градови.

Меѓу Русија и Украина постојат големи и длабоки разлики за основните услови за можен мировен договор. Москва бара територијални отстапки од Украина и откажување од намерата за членство во НАТО што Киев категорично ги отфрла.

Сашко Димовски