Рускиот претседател Владимир Путин предупреди дека Москва е подготвена да ги употреби „сите оружја“ со кои располага доколку Калининград биде директно нападнат или ставен под западна блокада, вклучително и нуклеарното оружје.
Говорејќи на форумот за надворешна политика „Валдај“, Путин повтори дека Русија „не му се заканува никому“, туку дека реагира на тврдењата од Западот дека Москва би можела да биде подготвена за војна кон крајот на оваа деценија.
„Доколку дојде до директен напад врз Руската Федерација, прашањето за употреба на сите оружја со кои располага нашата земја неизбежно и веднаш ќе се најде на дневен ред“, рече Путин, посочувајќи го Калининград, но и други територии.
Калининград е руска ексклава (дел од територијата на една држава што е целосно или делумно одвоен од главната земја и опкружен со друга или други држави) на Балтичкото Море, сместена меѓу членките на НАТО, Полска и Литванија и географски одвоена од остатокот на Русија.
Москва во последните денови го обвинува НАТО дека се подготвува за блокада на Калининград.
Путин порача дека, доколку дојде до такво сценарио, Русија би била подготвена да ги употреби сите средства и сили со кои располага.
„Не му се закануваме никому. Немаме намера да нападнеме никого во 2029, 2030 или 2050 година. Но, доколку се соочиме со агресија, ќе мора да одговориме“, рече рускиот лидер.
НАТО, од друга страна, ги отфрла ваквите обвинувања. Генералниот секретар Марк Руте изјави дека ниту една од „вежбите или активностите“ на Алијансата не претставуваат закана за Москва и ги оцени пораките од Кремљ како „целосно неоправдани и некорисни“.












