Големиот шумски пожар во департманот Жиронда во југозападна Франција засега е ставен под контрола и не се проширил во текот на денот, соопштија локалните власти. И покрај тоа, тие предупредуваат дека ризикот од повторно активирање на огнот останува висок.
Претседателот на Советот на департманот Жиронда, Жан-Лик Глез, изјави дека околу 3.300 пожарникари и понатаму се ангажирани на терен.
Хеликоптери постојано ги гаснат преостанатите жаришта, додека екипите работат на ладење на почвата и спречување на нови избувнувања на пожарот.
Според властите, пониските температури и зголемената влажност значително ги подобриле условите за гаснење по два дена екстремни горештини и суша.
Пожарот досега зафатил околу 42.000 хектари, а надлежните се надеваат дека поволните временски услови ќе продолжат и во текот на ноќта за да се спречи негово повторно ширење.












