Јужнoафриканката Нави Пилај за нејзината долгогодишна работа во одбрана на меѓународното право и за нејзиниот придонес кон повикувањето на одговорност на сторителите на воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид е добитничка на Нобеловата награда за мир.
Норвешкиот Нобелов комитет објави дека Нобеловата награда за мир за 2026 година ѝ се доделува на Наванатем “Нави“ Пилај за нејзиниот значаен придонес кон зајакнувањето на меѓународното право и промовирањето на мирот.
Во официјалното соопштение се истакнува клучната улога на Пилај во развивањето на меѓународни правни механизми за повикување на одговорност на сторителите на воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид.
- Ме повикаа овде за да ми го соопштат ова, а јас си реков: „Сигурно е шега“. Пред сè, на ова место, вашиот аплауз ми значи многу. Навистина ми значеше. Знаете, човек не сака да добие награда или признание ако јавноста не се согласува дека го заслужува тоа. Токму затоа толку многу го ценам вашиот денешен аплауз. Ви благодарам многу. Сепак, како адвокат и судија, сакам и да ја потврдам оваа информација. Ви благодарам. Дали сакате да кажам уште нешто? Сметам дека е многу соодветно што сум меѓу пријатели и колеги кои се залагаат за човековите права. Последната работа што ја направив беше поднесувањето на извештајот за Газа, во кој она што се случува таму се нарекува геноцид, изјави Пилај.
Во образложението, Комитетот наведува дека таа покажала исклучителна храброст и интегритет во своите напори за изградба на поефективен меѓународен правен поредок заснован на принципите на правдата.
Нејзината професионална кариера опфаќа децениска работа во национални и меѓународни судови, како и раководни позиции во Обединетите нации (ОН).
Пилај е родена во Дурбан, Јужна Африка, во семејство со индиско тамилско потекло, за време на режимот на апартхејд.

Апартхејдот бил систем на институционализирана расна сегрегација и дискриминација што постоел во земјата од 1948 година до почетокот на 1990-тите; тој им давал привилегии на белците како малцинство, а истовремено ги ограничувал правата и слободите на остатокот од населението.
Уште на почетокот на својата кариера, Пилај се спротивставила на расната дискриминација и на ограничувањата наметнати од тогашниот политички систем.
Како адвокат, таа ги бранела Нелсон Мандела и други противници на апартхејдот, пред да се етаблира како водечка личност во областа на меѓународната правда.












