Поранешната претседателка на Република Српска, Билјана Плавшиќ почина во 96-та година во Белград, објави РТС. Погребот, како што се додава, би требало да се одржи во Бања Лука.
Плавшиќ беше една од клучните политички фигури на Србите во БиХ, покрај Радован Караџиќ и Момчило Краишник, и беше единствена жена која е осудена за воени злосторства пред Меѓународниот Кривичен суд за поранешна Југославија во Хаг.
Родена е на 7 јули во 1930 година во Тузла. Дипломира на Природно-математичкиот факултет во Загреб, каде и докторира ботаника. Специјализацијата ја заврши во САД, како стипендист на Фулбрајт. По студиите беше професорка и деканка Природно-математичкиот факлутет во Сараево.
Во политиката влезе во пресрет на распадот на поранешна Југославија, како членка на Српската демократска партија, а ја напушти кон крајот на 2000 година поради здравствени причини.
На 10 јануари во 2001 година, Плавшиќ доброволно се предаде на Хашкиот трибунал, пред кој на 7 април во претходната година беше обвинета за геноцид, злосторства против човештвото, воени злосторства против муслимани и Хрвати, како и за тешки прекршувања на Женевските конвенции извршени во Босна и Херцеговина во 1991 и 1992 година.
На 27 февруари во 2003 година, таа беше осудена на 11 години затвор, откако пред Хашкиот трибунал се изјасни за виновна за прогон врз политичка, расна и верска основа, кривично дело против човештвото. Останатите точки од обвинението беа отфрлени како резултат на тоа изјаснување за вина.
На 26 јуни во 2003 година, Плавшиќ беше префрлена од Хаг во Шведска за да ја отслужи казната во затворот „Хинсеберг“. Беше ослободена кон крајот на октомври во 2009 година, откако отслужи две третини од казната.
Живееше повлечен живот во Белград, без политички ангажман. Беше разведена и немаше деца.












