Пад на системот предизвикал запирање на шест возови, меѓу кои и двата што учествуваа во несреќата, изјави шпанскиот министер за транспорт Оскар Пуенте. Обраќајќи ѝ се на јавноста Пуенте сподели повеќе детали околу начинот на кој се случила несреќата, нарекувајќи ја навистина неверојатна.
Во случај на пад на системот, контролниот центар ја презема сигнализацијата, појасни Пуенте пред да потврди дека одлука токму на контролниот центар била возовите да продолжат да се движат без ограничување на брзината на движење.
Таа одлука, според Пуенте, е необјаснива.
Во судирот на двата брзи воза во Шпанија, загинаа најмалку 64 лица. Несреќата се случила утрово во 9 часот помеѓу возови на два различни железнички оператори, Ренфе и Ирјо, во кои во моментот на несреќата имало повеќе од 500 патници. Ова е најтешката железничка несреќа во Шпанија по таа во 2013 година кога загина 80 лица откако воз излета од шините во северозападниот дел на земјата.
Според првичните информации, возот на Ренфе удрил во возот на Ирјо кој стоел во место поради технички проблем на шините. Преживеаните патници за шпанските медиуми сведочеа дека машиновозачот се обидел да го запре возот пред ударот.
„Бев во возот на АВЕ, во вагонот 1, затоа имав неверојатна среќа. Секако, на мојот мозок му беше потребно време да сфати што се случува, затоа што на почеток се чинеше дека возот нагло кочи, но потоа стана уште пострашно. Кога погледнав нив прозорецот, видов… тоа што веќе го видовте на снимките. Видов излетан, изгорен вагон, и да бидам искрена ме фати малку паника, почнав да дишам забрзано. За среќа, до мене имаше колега кој ми помогна да се смирам, тој цело време беше смирен, и си помогнавме еден на друг. “, рече Патрисија – преживеана од несреќата
Имајќи го предвид бројот на патници и степенот на штета на двата воза, властите стравуваат дека бројот на жртви може дополнително да се зголеми. Пред сѐ затоа што спасувачките екипи сѐ уште работат на извлекување преживеани и тела, но и затоа што од 80-ината повредени, дури 50 се здобиле со сериозни повреди.
„Секако, луѓето беа неверојатно љубезни со мене. Кога слушнаа дека сум бремена, член на посадата кој беше во близина кога се случи несреќата, ме однесе заедно со тројца други повредени во болницата во Консуерга, каде што ме прегледаа, ме прегледаа многу внимателно и рекоа дека засега сѐ е во ред. Родителите дојдоа да ме земат. Имав многу среќа.“, рече Патрисија.
На местото на несреќата се одвива обемна спасувачка операција, а владата во Мадрид порача дека се активирани сите ресурси на државата. Повредените се пренесуваат во болници во околните населби, додека посериозно повредените се евакуираат со хеликоптери.
Ова е втора железничка несреќа во Шпанија годинава, откако повторно воз на Ренфе, во јануари излета од шините кај Адамуз, при што загинаа 46 лица а речиси 300 беа повредени.
Игор Трајков












