Осум распарчени човечки тела се пронајдени во јама крај нелегален рудник во близина на градот Пукар, во покраината Азуај, соопшти еквадорската полиција. Според прелиминарните информации, жртвите се седум мажи и една жена, а нивните тела, кои беа пронајдени вчера, покажувале видливи знаци на насилство, објавува порталот „Комесарио“.
Како што е објавено, најмалку четворица од починатите биле жители на градот, каде што се одвива нелегална рударска активност. Останките биле „закопани на длабочина од околу два метра“, со врзани раце и „повреди како што се распарчување и обезглавување“ со мачета, изјави за новинарите локалниот началник на полицијата Пабло Инга.
Во регионот Азуај, во кој доминира бандата Лобос, нелегалното вадење злато и бакар добива замав во последните години.
Прелиминарните анализи покажуваат дека телата биле закопани околу два дена пред да бидат откриени, а идентитетот на жртвите сè уште не е утврден.
Азуај е една од 10-те провинции на Еквадор кои прогласија вонредна состојба во јуни, поради зголемувањето на вооруженото насилство.
Фото: youtube/printscreen












