Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Норвешка се простува од кралот Харалд Петти – бројни кралски семејства, претседатели и премиери денеска во Осло

/

Свет

Сподели преку :

Норвешка денеска се простува од кралот Харалд Петти кој беше симбол на единство на земјата. На погребот е најавено присуство на бројни членови на европски кралски семејства, како и претседатели и премиери на држави.

Погребната поворка почнува напладне. Ковчегот ќе мине низ главниот булевар во Осло до лутеранската катедрала, каде е закажана церемонијата во 13 часот. По завршување на верската служба, четири борбени авиони од типот Ф-35 ќе ја прелетаат катедралата во формација „исчезнат човек“ во моментот на пренесување на телото во капела во тврдината Акершус.

Ковчегот ќе биде положен во кралскиот мавзолеј, покрај родителите на Харалд Петти, како и неговите баба и дедо. Починатиот норвешки крал ќе почива во саркофаг вреден 1,7 милиони евра чиј дизајн е тајна.

По погребот, знамињата низ земјата, кои се спуштени на половина копје, повторно ќе бидат подигнати додека црквените ѕвона ќе ѕвонат еден час.

Норвешката полиција ангажира речиси 3.000 припадници за обезбедување на целиот настан, што претставува една од најголемите операции во историјата на земјата. Распоредени се и околу 3.500 војници, а над голем дел на источна Норвешка се воведени строги ограничувања во воздушниот простор.

Харалд Петти го презеде престолот во 1991 година и во моментот на смртта беше највозрасниот владеачки монарх во Европа. Иако имаше сè повеќе здравствени проблеми, одбиваше да абдицира и уживаше огромна популарност меѓу Норвежаните.

Во јавноста остана запаметен како симбол на отворена и толерантна Норвешка. Посебно се истакнува неговиот говор за различностите од 2016 година со кој ја одбележа 25-та година од своето владеење.

„Норвежаните се девојки кои сакаат девојки, момчиња кои сакаат момчиња и девојки и момчиња кои се сакаат меѓусебно“, рече во таа прилика кралот Харалд Петти.

„Норвежаните веруваат во Господ, во Алах, во Вселената и во ништо друго“, додаде тој.