Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Нетанјаху: Напаѓачот на летот Дубаи–Тел Авив бил подложен на исламистичка радикална индоктринација

/

Свет

Сподели преку :

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека прелиминарните наоди од истрагите укажуваат оти мажот кој го нападнал и избодел пилотот на летот на „Флајдубаи“ од Дубаи кон Тел Авив бил подложен на „исламистичка радикална индоктринација“.

Според Нетанјаху, напаѓачот, за кого тој тврди дека е државјанин на Оман, „многу веројатно“ имал намера да го урне авионот.

Инцидентот се случи во средата на летот FZ1073, кој превезувал повеќе од 170 лица.

Авионот полетал од Меѓународниот аеродром во Дубаи во седум часот наутро по локално време, на пат кон аеродромот „Бен Гурион“ во Израел.

Околу два часа по полетувањето, авионот нагло ја намалил височината за околу 5.200 метри.

Неколку минути подоцна бил испратен сигнал за опасност.

Во текот на инцидентот, напаѓачот го избодел копилотот и се обидел да ја преземе контролата врз авионот.

Патниците и членовите на екипажот успеале да го совладаат и да го врзат, по што контролата врз авионот била повторно воспоставена.

Потоа екипажот започнал итно слетување, а авионот безбедно слетал на аеродромот Табук, во северозападниот дел на Саудиска Арабија.

Откако бил совладан, напаѓачот, според Нетанјаху, им довикувал на членовите на екипажот: „Убијте ме, убијте ме“.

Израелскиот премиер оцени дека тоа укажува оти бил самоубиствено настроен.

„Кога ќе ги земете предвид сите патници што биле во авионот, заедно со исламистичките тенденции и радикализацијата утврдени во неговото минато, мислам дека тоа ќе ни даде прилично добра насока“, изјави Нетанјаху за „Фокс њуз“.

Израелски безбедносен извор тврди дека прелиминарните наоди од израелската истрага укажуваат оти напаѓачот имал намера да го урне авионот.

Според изворот, истрагата ја води израелската разузнавачка агенција Мосад, која ги испрашувала патниците по нивното пристигнување во Тел Авив за да утврди што точно се случило за време на летот.

На прашањето дали постојат индикации дека Иран бил вмешан во инцидентот, Нетанјаху одговорил: „Премногу е рано да се каже“.