Припадник на српската Жандармерија се здобил со полесни повреди при напад со нож пред Амбасадата на Израел во Белград, при што напаѓачот бил убиен, соопшти Министерството за внатрешни работи, објави Би-Би-Си.
Министерството за внатрешни работи го окарактеризира нападот како „терористички“.
„Во терористички напад извршен синоќа, припадник на Жандармеријата – кој вршел обезбедување на Амбасадата на Израел – се здобил со полесни повреди, тој го убил напаѓачот во самоодбрана.“
„Неговиот идентитет сè уште не е утврден; нашата служба го следеше, а познато е дека бил поддржувач на Исламската држава“, изјави Ивица Дачиќ, министерот за полиција.
Напаѓачот бил малолетник и на својот профил на Инстаграм имал слика од црно знаме – симбол на Исламската држава – додаде Дачиќ.
Се претпоставува дека тој е од Шабац; според Министерството за внатрешни работи, тој го нападнал припадникот на Жандармеријата со два ножа, извикувајќи „Алаху Акбар“.
Исламската држава е џихадистичка група која бара од муслиманите ширум светот да му дадат заклетва за верност на нејзиниот лидер, Ибрахим Авад Ибрахим Али ал-Бадри ал-Самарај, попознат како Абу Бакр ал-Багдади.
Во тек е истрага, а Дачиќ прогласи „црвено ниво на терористичка закана“.
Во јуни 2024 година, напаѓач вооружен со самострел рани српски полицаец кој ја обезбедуваше Амбасадата на Израел во Белград. Полицаецот потоа отвори оган врз напаѓачот и го уби.
Амбасадата на Израел се наоѓа недалеку од Амбасадата на Соединетите Држави, во еден од поелитните делови на Белград. Неа ја обезбедува специјална полициска единица, чии припадници носат автоматско оружје.
Србија одржува блиски односи со Израел.












