Најмалку 21 лице настрада, а десетици се повредени во нови руски ракетни и напади со беспилотни летала врз Украина, од кои најсмртоносни беа нападите врз Киев и неговата околина.
Според украинските власти, во главниот град и регионот загинале 17 лица, додека жртви има и во Харков и Доњецк.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека поголем број системи и ракети-пресретнувачи за противвоздушна одбрана можеле да спасат човечки животи.
Тој нагласи дека испораките на противбалистички системи од сојузниците оваа година се значително намалени, додека Русија го зголемила интензитетот на ракетните напади.
Од руското Министерство за одбрана соопштија дека биле погодени логистички центри, складишта за оружје и објекти поврзани со производство на беспилотни летала во Киевската област, како и товарни бродови во близина на Одеса.
Меѓувреме, Европската комисија соопшти дека Украина ќе добие дополнителни 1,4 милијарди евра, обезбедени од замрзнати руски средства, за поддршка во одбраната.












