Најмалку 14 лица загинале, а исто толку се повредени во руски напад со дрон врз главната железничка станица во украинскиот град Днипро, соопштија локалните власти. Меѓу повредените има и 11-годишно момче.
Според украинскиот државен железнички оператор „Укрзализница“, во моментот на нападот на еден од пероните се наоѓал патнички воз што требало да сообраќа кон јужниот град Запорожје. На перонот имало голем број патници, и покрај претходно прогласеното зголемено ниво на опасност.
„За жал, на перонот сè уште имаше голем број луѓе“, изјави директорот на „Укрзализница“, Олександр Перцовски.
Градоначалникот на Днипро, Борис Филатов, го оцени нападот како трагедија, посочувајќи дека бил погоден цивилен електричен воз.
Фотографиите објавени од украинските спасувачки служби покажуваат сериозни оштетувања на перонот и на возот, вклучително и голем кратер и искршени прозорци.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека руските сили со дрон нападнале перон на кој биле два воза – приградски и патнички. По нападот, тој повика на дополнителни санкции од САД, европските земји и Г7 против Москва.
Зеленски повторно го критикуваше и неодамнешниот договор меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, со кој, според него, биле ублажени одредени санкции против Русија, вклучително и мерки поврзани со американскиот увоз на руски дизел.
Од Москва засега нема официјален коментар за нападот врз железничката станица. Руските власти постојано негираат дека намерно гаѓаат цивили, тврдејќи дека нападите врз украинската железничка инфраструктура се насочени кон објекти што се користат за транспорт на воен персонал и опрема.












