Десетици илјади демонстранти излегоа на улиците во најголемите градови ширум Шпанија барајќи поголема заштита за станарите, откако вчера во парламентот владиниот предлог за носење итни закони за надминување на кризата со домувањето не ја доби мнозинската поддршка.
Против двата предлог закони гласаа десничарските партии и партијата „Заедно за Каталонија“.
Околу 50 протести се одржуваат денеска во градови како Мадрид, Валенсија и Барселона.
Мерките што во петокот ги предложи левичарската коалициска влада на Педро Санчез следеа по големиот јавен револт поради иселувањето на 87-годишна жена од нејзиниот дом минатиот месец, откако не можела да си дозволи нагло зголемување на киријата.
Нејзиното иселување предизвика протести низ цела Шпанија, при што демонстрантите бараат пониски кирии, запирање на иселувањата и забрана инвестициските фондови — кои владата ги нарекува „фондови лешинари“ — да купуваат недвижности.
Еден од најголемите протести се одржува во главниот град Мадрид. Проценките за бројот на учесници значително се разликуваат: Унијата на станари во Мадрид проценува дека учествувале половина милион луѓе, додека претставници на градските власти наведуваат бројка од 70.000.
Според проценките на Банката на Шпанија, во земјата недостигаат околу 700.000 станови, врз основа на разликата меѓу побарувачката и новата изградба.
Цените на становите се зголемиле за 12,2% во текот на изминатата година, според податоците за вториот квартал од 2026 година на националниот статистички институт.
Недостигот од станови за изнајмување значел дека трошоците за кирија пораснале за 8,5% во 2025 година, додека во Мадрид се зголемиле за 9,7%
Пратениците го отфрлија првиот декрет со 178 гласа „против“ наспроти 172 „за“, а вториот со 184 гласа „против“ наспроти 166 „за“.
Пред гласањето, конзервативната „Народна партија“ и крајно-десничарската партија „Вокс“ веќе најавија дека ќе гласаат против двете иницијативи, поради што малцинската влада зависеше од поддршката на помалите националистички партии од Каталонија и Баскија.
Поразот на Санчез во Конгресот во петокот ги засили шпекулациите дека тој би можел да распише предвремени парламентарни избори, иако редовните избори требаше да се одржат дури следното лето.












