Копилотот на авиокомпанијата „ФлајДубаи“ планирал да го киднапира патничкиот авион на летот од Дубаи за Тел Авив и да го урне во патничкиот терминал на аеродромот Бен Гурион во Тел Авив, објави главниот државен обвинител на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), повикувајќи се на резултати од истрагата.
Истрагата почна на 1 октомври. Истражителите утврдиле дека осомничениот копилот Хамам ал-Хамами е државјанин на Оман и однапред го планирал нападот. Според државната новинска агенција, ал-Хамами двапати летал за Тел Авив „за да се запознае со рутата и со аеродромот“.
Обвинителството наведува дека пред вработувањето во „ФлајДубаи“ бил ангажиран од неколку авиопревозници во различни држави, како „Оман Ер“ и „Ројал Ер Мароко“. На „ФлајДубаи“ се придружил во јануари оваа година. За властите на ОАЕ, инцидентот е обид за терористички напад.
Според истрагата, ал-Хамами за време на летот го нападнал капетанот со секира во авионот за итни случи. Планирал да ја преземе контролата врз авионот и да го урне на аеродромот Бен Гурион. И покрај нападот, капетанот успеал да ја отвори вратата од кабината со што им овозможил на патниците и членовите на екипажот да го совладаат копилотот. На тој начин е спречена катастрофа на летот со 170 патници и членови на екипажот.
Фото: screenshot/youtube












