Спасувачките операции по преживеани во подземните тунели во Непал претпладнево ги даде првите резултати. Непалската армија извлече двајца работници кои девет дена беа заробени под земја по разорните поплави што го опустошија северниот дел на земјата.Според странските медиуми, едниот не можел да ги движи рацете или нозете, додека другиот, за среќа, не се здобил со сериозни повреди. Обајцата, сепак, се надвор од животна опасност и пренесени со хеликоптер во болница во Катманду. Потрагата по останати преживеани е отежната, бидејќи поплавите ја сменија конфигурацијата на теренот, оставајќи 2,2 милиона тони наноси и урнатини.
„Тоа е Санџај Шах, штотуку пристигна. Има 32 години и работи во контролната соба за машински системи. Неговите почетни витални параметри се нормални, како и неговата општа состојба“, изјави воен лекар кој им укажа прва помош на извлечените работници.
Двајцата работници се извлечени од подземен тунел на хидроцентралата „Горна Тришули“. Шест дена им требаа да спасувачите да се пробијат до нејзиниот затрупан влез по што поставија цевки за довод на кислород во можните шуплини во внатрешноста. Во тунел на хидроцентралата Расивагади, пак, спасувачките екипи успеаја да продрат 250 метри пред да наидат на препрека, но продолжија со потрагата. Во спасувачките напори се вклучени над 500 инжинери и други стручњаци, обединети во група на Ватсап, каде разменуваат нацрти на хидроелектраните, како и информации за распоредот на тунелите.
Загрижени лица, отсутни погледи меѓу раселените. Се соочуваат со неизвесна иднина, а во главите им се врти само една мисла – како понатаму. Стотици семејства се евакуирани во училишта кои се претворени во привремени засолништа. Чекање во ред со кофи во рацете за вода за пиење, но и за основни животни продукти е нивно секојдневие.
„Навистина, навистина е тешко. Во оваа мала соба престојуваат пет семејства. Нема приватност. Немаме куќа. Каде да одиме сега? – Што да правиме? – Сè е навистина тешко. Целиот тежок труд на мајка ми и татко ми е залуден. Тие сега се и стари. Сега мораат да почнат одново, од нула. Навистина е тажно“, вели Суџата Такур, наставничка и раселена жителка.
„Работата е во тоа што нема долго да го држат училиштето затворено и ќе ни речат да си одиме. Па каде ќе одиме тогаш? – Што ќе правиме? – Сите овие работи ми паѓаат на памет“, рече Раџендра Читракар, раселен жител.
Според непалската агенција за управување со катастрофи, во разорните поплави загинаа најмалку 1.252 лица, а над 4.200 се водат како исчезнати. Според кинеските државни медиуми, бројот на загинати на тибетската страна од граница е 21 лице, додека 541 се водат како исчезнати.
Сашко Димовски












