Десетици илјади луѓе излегоа на улиците на германскиот главен град во саботата на протест, по убедливата победа на партијата „Алтернатива за Германија“ на регионалните избори минатата недела.
Станува збор за т.н. „ѕвездест протест“ против десничарскиот екстремизам и за општествена кохезија. Вкупно седум поворки се движеа од различни делови на градот кон „Црвеното градско собрание“. Организаторите очекуваа вкупно 30.000 луѓе. Ангажирани беа 1.800 полицајци.
Крајно десничарската партија оствари голема победа на гласањето минатата недела, но не успеа да освои мнозинство потребно за формирање на првата крајно десничарска покраинска влада во земјата по Втората светска војна.

Главните германски политички партии одамна изјавуваат дека нема да соработуваат со „Алтернатива за Германија“, партија која германската служба за внатрешно разузнавање ја класифицира како екстремистичка група во некои региони на земјата, вклучително и во источната покраина Саксонија-Анхалт.
Секоја соработка на главните партии со AFD е особено чувствително прашање, имајќи го предвид нацистичкото минато на Германија.
Во Берлин, демонстрантите се собраа во саботата, носејќи транспаренти и знамиња.
„Ова е исклучително важно со оглед на подемот на крајната десница и нејзините изборни успеси. Сакаме да покажеме дека мораме и можеме да бидеме обединети, дури и ако имаме различни ставови за поединечни прашања. Сакаме заеднички да ја браниме оваа либерална демократија“, изјави Вајт Ханеман, еден од коорганизаторите на протестот.
Протести се одржаа и во повеќе од 35 градови низ Германија.
Некои од нив беа организирани во рамките на кампањата „PRÜF“, која повикува да се разгледа можноста за забрана на AfD.












