Германија го засилува притисокот врз Хрватска за ревашање на отворените прашања со Црна Гора, со цел да се избегне застој во нејзиниот евроинтегративен пат, потврдија четворица официјални претставници кои се директно запознати со ситуацијата за Евроњуз. Според нив, официјален Берлин активно се вклучува во процесот и бара конструктивен пристап од Загреб.
Хрватска оваа недела испрати список со осум спорни точки кои сака да бидат решени пред завршување на пристапните преговори на Црна Гора со Унијата.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во пресрет на самитот на ЕУ во Брисел изјави дека постојат прашања за кои се укажува со години на Црна Гора.
„Во последните две години немаше никаков напредок“, порача Пленковиќ, иако, како што додаде, неговата земја била конструктивна.
Споровите меѓу двете земји главно се однесуваат на периодот од 90-тите години на минатиот век, што вклучуваат имотни барања и отворените гранични прашања, кои се гледаат како пречка во целта на Црна Гора да стане 28 земја членка на Унијата до 2028 година.
Став на Хрватска е дека истрагите за воени злосторства и обесштетување на жртвите се услови кои мора да ги исполни Подгорица за да ги заврши пристапните преговори. Загреб се соочува со обвинувања дека посочените спорни точки се активирани во последен момент, како начин за зголемување на притисокот врз Црна Гора, иако Хрватска ги образложува како долгогодишни проблеми.
Во процесот во последните денови е вклучена и Европската комисија. Франција, пак, сака избегнување на проблеми со проширувањето поради внатрешните политички прилики, а Луксембург ја критикува праксата за користење на пристапниот процес за решавање на меѓусебни спорови. Хрватска наиде на критики и од високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас која на маргините на самитот на ЕУ порача дека билатералните прашања не смеат да го блокираат процесот на проширување.
(Индекс.хр)












