Американскиот застој со Иран и руската инвазија врз Украина ги открија острите граници на моќта на суперсилите, изјави генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, отфрлајќи ја идејата Обединетите Нации (ОН) да бидат во сенка во мултиполарниот свет.
Во интервју за „Фајненшл тајмс“, Гутереш опиша свет кој се преобликува со падот на доминацијата на САД, подемот на нови сили и понижувачките лекции од војните во кои суперсилите од Студената војна не успеаја да обезбедат одлучувачки победи.
„Време е суперсилите да ги сфатат границите на својата моќ. Ако погледнете што се случи во последно време, капацитетот на суперсилите да ја наметнат својата волја, својата сила или својата моќ во неколку ситуации беше сериозно ограничен. Погледнете што се случи со Русија и Украина. Погледнете што се случи со САД и Иран“, рече Гутереш во интервју за „Фајненшал тајмс“.
Америка се надеваше дека Техеран ќе капитулира кога беше нападнат во февруари, но шест месеци подоцна иранскиот режим се држи и ја затвори Ормуската Теснина, најважниот енергетски пловен пат во светот.
„Суперсилите мора да сфатат дека работите се променија, дека се промени влијанието на различни земји“, рече Гутереш, претставувајќи ги неуспесите како дел од преминот од поредокот предводен од САД во постстуденовоената ера, кон мултиполарен свет.
Поранешниот португалски премиер кој има 77 години, ја отфрли идејата дека Одборот за мир, група меѓународни лидери која Трамп ја основа минатата година со првичен фокус на обезбедување договор меѓу Израел и Хамас, би можел да му парира на Советот за безбедност на ОН, укажувајќи на неговиот неуспех да постигне напредок во Газа.
За време на една деценија од престојот на Гутереш на чело на ОН, профилот на светската организација како посредник во глобалните кризи опадна. Некои поранешни и сегашни функционери тврдат дека тој и ОН направиле грешка во неговиот втор мандат, со тоа што биле помалку видливи во светските воени зони, бидејќи се чини дека неговиот фокус се поместил од посредување во судири кон пошироки општествени предизвици, како што е борбата против климатските промени.
Гутереш признава дека било тешко да се посредува во војните во Украина, во Газа и во Иран.
„Телото за донесување одлуки на ОН, Советот за безбедност, беше „практично парализирано““, рече Гутереш, бидејќи Америка и Русија, две од неговите пет сили со право на вето, го блокираа додека тежнееја кон исполнување на сопствените цели.
ОН, исто така, призна Гутереш, беа турнати на маргините во граѓанската војна во Судан, бидејќи некои го искористија застојот во Советот за безбедност за да интервенираат во борбите.












