Франција ја суспендираше употребата на шок-гранати од полициските сили, на студентските протести што се проширија низ земјата, откако на 15-годишно момче му била разнесена раката претходно оваа недела.
Министерот за внатрешни работи, Лоран Нунез, изјави дека побарал употребата на гранатите да биде прекината додека не се „разјаснат“ фактите околу инцидентот во понеделникот во Ленс, бидејќи демонстрантите и властите дале различни верзии за тоа што се случило.
Неколку групи се пожалиле на, како што го опишуваат, несразмерното користење сила од страна на полицијата врз тинејџери.
Немирите продолжија и денеска, кога повеќе од 500 училишта беа или целосно или делумно затворени.
Министерот за образование Едуар Гефреј, тврдо рече дека 24 училишта биле „запалени или вандализирани“ до тој степен што ќе бидат затворени неколку недели, што ќе влијае врз 30.000 ученици.
Стотици илјади луѓе во вторникот излегоа на улиците барајќи подобри услови во училиштата, а во некои градови полицијата употреби солзавец и водени топови. Министерството за внатрешни работи соопшти дека биле уапсени 488 лица, а 43 припадници на безбедносните сили биле повредени.
Нунез изјави дека полицијата отворила 18 истраги за да утврди дали полицајците користеле „пропорционална“ сила за време на демонстрациите.
„Постои полициска постапка што отвора прашања за сите нас во Министерството за внатрешни работи; тоа е она што се случи во Ленс“, рече тој и потврди дека употребата на шок-гранати ќе биде суспендирана „додека не се разјаснат фактите околу овој случај“.
Властите велат дека момчето ја земало гранатата, која потоа експлодирала, но учениците тврдат дека гранатата директно го погодила откако ја испукал полицаец.












