Француската полицијата употреби солзавец за да ги растера студентите што протестираа во Париз. Демонстрациите кои траат веќе неколку дена се дел од пошироко студентско движење што бара зголемено финансирање за училиштата низ цела Франција.

Властите известија за голем број повредени, при што повредите настанале како од фрлени предмети, а во некои неразјаснети случаи и од полициски проектили за контрола на немири.
Слични сцени се одвиваа и во Лил, каде се протестира веќе четири дена. Таму демонстрантите запалија канти за отпадоци и електрични велосипеди.
На протестите се придружија и дел од наставниците.
- „Она што ме поттикна да им се придружам на средношколците беше репресијата на која бевме сведоци. Тука сум само за да пружам заштита, да создадам бариера меѓу полицијата и учениците. И навистина, денот помина добро, сè уште тече добро, но навистина сметам дека наставниците што доаѓаат на блокадите се таму само за да ги заштитат нашите млади“ – Жулиет Естивил, наставничка по шпански јазик во средно училиште.
- „За нас, проблемот е главно во преоптоварениот распоред. Познавам многу луѓе во училиштето ‚Волтер‘ кај кои почнаа да се развиваат училишна фобија и социјална анксиозност. Ситуацијата е сериозна. Навлегуваме во работи што се неповратни. Зашто, секако, постарите велат: ‚Деца, одете на училиште од 8 наутро до 6 попладне секој ден‘, но не знаат какво влијание има тоа врз менталното здравје“ – Џана Тахари, ученичка во средно училиште.
Протестите брзо стануваат жешка тема во изборната кампања за избор на наследник на претседателот Емануел Макрон, кому Уставот му забранува да се кандидира за трет последователен мандат и го зголемуваат притисокот врз владата, која веќе се соочува со растечките финансиски проблеми на Франција. 
Кандидатот за претседател од крајната левица, Жан-Лук Меланшон, ја осуди реакцијата на владата кон протестите, оценувајќи ја како репресивна.
Француската влада предупреди дека протестите на средношколците – кои брзо се шират поради долгото работно време, недостигот на наставници и дотраените училишни објекти – прераснале во „урбано насилство“, при што беше најавено дека многу училишта ќе преминат на онлајн настава за да ги заштитат наставниците и учениците.

Според полицијата, низ земјата се одвиваат околу 900 демонстрации, блокади и слични инциденти пред средните училишта, поради што биле затворени повеќе од 160 од нив. Вчера бил блокиран и пристапот до околу 30 универзитетски кампуси, вклучително и оние во Париз и Марсеј.

Од почетокот на протестите се приведени речиси 3.000 средношколци на возраст меѓу 15 и 18 години, од кои 1.949 само вчера, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Повредени се повеќе од 300 полицајци и десетици пожарникари, наставници и ученици.
Билјана Ставрова












