Масовна кражба на уметнички скулптури го прекина предвреме проектот посветен на 270-годишнината од раѓањето на Волфганг Амадеус Моцарт во Салцбург.

Од инсталацијата на германскиот концептуален уметник Отмар Херл, поставена во јули, до 12 август исчезнале дури 210 позлатени скулптури на Моцарт со неговото омилено куче Пимперл.

Скулптурите, високи околу 50 сантиметри, требало да останат поставени до крајот на август. Иако изгледаат како да се направени од злато, тие се изработени од полимер и само се позлатени.

Херл првично очекувал повремено да исчезне некоја фигура, но размерите на кражбата го навеле да се посомнева дека зад неа стои организирана група, а не туристи кои земаат сувенири.

Организаторите имале резервни скулптури, но недоволно за да ги заменат сите украдени фигури, па изложбата била прекината. Ова не е прв ваков случај за Херл – претходно во Бајројт биле украдени 100 негови скулптури на композиторот Рихард Вагнер.












